Росица Мршиќ со нова колекција „Velvet“

Модната креаторка Росица Мршиќ вечерва, во своето студио во Скопје, ќе ја промовира новата колекција “Velvet“ за есен/зима 2018 . Претставувањето на безвременските модни парчиња што се носат од утро до вечер, не е во форма на модна ревија туку откривање на колекцијата со пијалок и дружење на избраните гости. Заштитно лице на колекцијата е актерката Наташа Петровиќ.

Со новата колекција, Мршиќ воведува романтичен и заводлив изглед на жените за овој период од годината. Таа ја развива својата идеја за оваа колекција инспирирана од парискиот шик и шарм во заводливата музика од албумот „Париз“ на Малколм Мекларен. Мекоста на силуетата, мазните текстури и клучните бои го одредуваат називот на оваа колекција.

Во нежните и меки форми користени за разиграна динамика е вметнат препознатливиот геометриски израз на дизајнерката  за постигнување јасна и дефинирана силуета. Топлите виолетови и црвени тонови, бојата на лаванда и употребата на црната, белата и сивата боја додаваат суптилна деликатност на целосниот изглед. Дизајнерката употребува невообичаени плисирани структурни ткаенини, брокати, волнени и еко крзна за постигнување супериорна естетика на колекцијата.

„Velvet“ е 20-та сезонска колекција на Росица Мршиќ со која таа продолжува да им се обраќа на оние жени кои претпочитаат автентичен дизајн со кој се нагласува индивидуалноста и се постигнува препознатлива субтилна уникатност.

Колекцијата е наменета за продажба на домашниот и странскиот пазар .

Мршиќ е дипломец на Факултетот за визуелна уметност и дизајн во Ултрехт, Холандија. (Л.С.)