Росана Јанков и Елена Стојановска-Јанковска: Жената е дама од своето раѓање


Убави, успешни и секогаш средени. Мајки, сопруги и јавни личности. Едната русокоса, другата бринета. М-р Росана Јанков (33), портпарол на АМСМ и Елена Стојановска-Јанковска (37), водител на утринската програма на ТВ „Сител“ „Ја сакам Македонија“. И двете дел од модна колекција која ги претставува како деловни, гламурозни и дами во кујна. Патем, ги открија тајните на својот суперизглед.

Како се чувствувате како заштитни лица на моден бренд?

Росана: Со оглед дека моја природа и темперамент е со фокус кон следење на модните трендови, да се биде заштитно лице на моден бренд искрено ми претставува големо задоволство, но од друга страна и одговорност за адекватно и професионално да си го исполнам договорот. Секоја жена сака да се грижи за себе, а кога моден гигант ќе ти го даде приматот, да не се лажеме, се храни егото и се храни самодовербата.

Елена: Мене ми се допаѓа што во оваа соработка со модната куќа која ја застапувам имам исклучително професионален однос. Благодарение на професијата во минатото сум имала можност да соработувам со брендови, модни куќи. Но оваа соработка се разликува токму по договорот што го имаме, од кој сум многу задоволна и првпат се чувствувам навистина како нечиј бренд-амбасадор. Имам свој задолженија кон нив, но и тие кон мене и претставува едно бизнис-пријателство кое посакувам долго да трае.

Дали досега сте имале слично искуство?

Росана: Да бидам искрена, не.

Елена: Вообичаено сум била дел од модни кампањи, сум рекламирала модни парчиња во склоп на емисиите што сум ги водела, а сум имала и лични ангажмани, но ова за мене е првпат една ваква сериозна модна соработка.

Како дојде до соработката со „Бела“? Намерен или случаен е изборот едната да биде русокоса, а едната бринета?

Росана: Со оглед на мојата професија и честите појавувања во јавноста, јас секогаш бев облечена во брендот. Не случајно го кажувам ова… кога ми се јавија за понудата да бидам бренд-амбасадор, мислам дека беше природно и очекувано да прифатам бидејќи го носев тоа и ми одговараат моделите и на мојот карактер и на дрес-кодот што го бара мојата работа од мене и едноставно тоа се двата стила што јас ги сакам – класика, но со модерна нота. Првата фотосесија беше лето 2017 и бев сама. За есенската ме известија дека ќе бидам во друштво на уште една дама. Не ми кажаа која, но кога ја видов, бев искрено среќна што со мојата Срничка, Елена, која така си ја викам, ја одработевме заедно. Мислам дека брендот направи совршен избор. Едната е русокоса, другата бринета, едната е построга, другата е понежна… многу сме различни, но сме во една линија со целиот тим и мислам секоја фотосесија одиме чекор понапред.

Елена: Искрено, Росана беше пред мене дел од модната приказна. Уште во првичните наши контакти со луѓето оттаму, не ми беше споменато дека ангажманот е поради бојата на косата. Но сигурно си има и тоа некоја причина. Буквално, модните парчиња се со суперквалитет, многу убаво осмислени и дизајнирани, па ѝ ласкаат на секоја жена, без разлика каква боја на косата има.

Колекцијата ве претставува како деловни, гламурозни и дами во кујна… Која приказна ви беше најблиска?

Росана: Јас се пронаоѓам во се од гореспоменатово, малку нескромно, но тоа сум јас. Јас дефинитивно се пронајдов во 2. сесија (Погледни ја твојата убавина). Тоа сум јас!

Елена: Жената денес, станува наутро и се подготвува за сите предизвици. Стројна, со костим по мерка го носи детето на училиште, а потоа во канцеларија му парира на бизнис-светот полн со костумосани мажи и рамо до рамо со нив ги завршува сите обврски. На враќање од работа, мајчински насмеана и грижлива го зема детето од училиште, влегува во кујна и магично за кусо време создава вкусен оброк за своето семејство. Потоа следува учење со детето, па подготовка за следниот ден. Пеглање нов костум, фризура за повторно да е беспрекорна и во новиот работен ден. Токму затоа, жената е секаде! Денешната бизнисменка, мајка, домаќинка во сите аспекти се обидува да биде совршена, тоа е секојдневието на сите нас. Веројатно облеката што ја носам на кампањата најдобро се вклопува во моето работно секојдневие. Секое утро насмеана ги пречекувам гледачите, да се разбудат со мене и да тргнат во новото секојдневие. Промоции, средби, состаноци тоа е местото во кое облеката ми дава чувство на полетност, енергија, па и моќ.

Кој е вашиот стил дома, на работа и на гала-настан?

Росана: Мојот стил по дома е лежерен, да бидам искрена скоро секогаш сум во пижами, тоа ме опушта, релаксира, ми дава мир, спокој… На работа секогаш сум облечена по дрес код, на гала-настан се трудам да бидам своја, да носам нешто што го отсликува мојот карактер и мојот персоналитет. Тие што ме знаат дека се држам до класика, но сакам и шик детали.

Елена: Дома јас сум многу едноставна, носам памучни хеланки и некои од старите блузони на сопругот. Сакам комфор!

Природата на работата, пак, од мене бара да сум дотерана. Е тука, уживам во комбинација на модни парчиња, за на работа здолништа, панталони, сакоа кои се многу пријатни. За сите оние промоции и вечерни настани уживам да бидам во впечатливите модни комбинации на тоалети кои ја следат линијата на телото и ја ослободуваат женственоста.

На што давате предност: на естетиката или на удобноста?

Росана: Јас сум естет, но секогаш естетиката и удобноста ми одат заедно под рака.

Елена: Веќе сум во години во кои не правам компромис. Мора да ми е и убаво и удобно.

Што ви е најважно за изгледот?

Росана: За мене најважно е да сум чиста, ноктите, косата, карминчето… ми се нешта без кои не можам.

Елена: Негата! Пак ќе ги споменам годините, но како што поминува времето стануваме свесни колку е важно и скапоцено нашето лице, тело, нашата кожа. Најважно ми е да бидам негувана, и пред сѐ добро да се чувствувам во сопствената кожа.

Совети за дамите?

Росана: Бескомпромисна сум и не прифаќам изговори од типот „немам време, имам премногу обврски, имам деца…“ Жената е дама од своето раѓање и не треба многу време ниту пари за тоа да дојде од израз. Потребна е само желба. Без оглед што правите и дали некаде излегувате или останувате дома, чиста и средена коса, лак на ноктите и малку кармин на устата можат да направат да се чувствувате како најубавата жена и кога чистите и кога спортувате. Мојот совет до сите девојки, жени е дека одраз на женственоста не е длабокото деколте или мини-сукњата. Вистинската женска убавина се гледа од сјајот во очите, од ставот и држењето на телото, од начинот на кој гестикулирате и начинот на кој зборувате. Никогаш не престанувајте да се грижите за себе, за својата внатрешна убавина и никогаш не престанувајте да се стремите кон тоа да бидете најдобрата верзија од себе, приватно и професионално.

Елена: Да се сакаат себеси, да си ја препознаат сопствената убавина и да си ја негуваат.

Дали пролетта се чувствува и во вашиот гардеробер?

Росана: Во мојот гардеробер се сите годишни времиња.

Елена: Секако, веќе им се веселам на боите и модните додатоци што ќе ми внесат нова енергија во духот.

 

Лејла Сабит