Роналдо ќе биде дел од „Ел Класико“

Кристијано Роналдо се врати на колективните тренинзи и ќе биде дел од шампионскиот тим кој утре против Барселона го игра големото дерби, популарното „Ел Класико“.

Како што информираа на официјалниот веб сајт на клубот, Роналдо го одработел утринскиот тренинг со останатите соиграчи.

„Реал Мадрид ја заврши последната тренинг сесија пред натпреварот против Барселона, кој ќе се одржи оваа сабота на стадионот „Сантијаго Бернабеу“. Кристијано Роналдо, кој изминатите денови тренираше сам, повторно се приклучи на групата. Зидан повторно на располагање го имаше голманот Моха за време на тренингот“, пишува во соопштението на клубот.

Реал во моментов е на четвртото место на табелата со единаесет бодови помалку од лидерот Барселона, но „Кралскиот клуб“ има и еден натпревар помалку одиграно.

Првото „Ел Класико“ во тековната сезона, дуел од 17.коло на Ла Лига, ќе се игра утре од 13 часот.