Романот „Но-Уи“ на Лидија Димковска избран за годинешен претставник на „Балканика“

Годинешен претставник во трката за престижната регионална книжевна награда Балканика е книгата „Но-Уи“ на Лидија Димковска, во издание на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје.

Во најтесен избор, покрај книгата на Димковска, влегоа и книгата „Круг“ на Димитар Башевски, и книгата „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли.

Стручната комисија во состав проф. д-р Елизабета Шелева, претседател и член, проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, член, и проф. д-р Ермис Лафазановски, член, во образложението наведува дека едногласно е избран романот на Димковска да биде национален претставник и кандидат од Македонија, што ќе влезе во конкуренција за доделување на наградата на меѓународната фондација „Балканика“ за 2017 година.

„Но-Уи е роман-метафора, прегнантно срочено четиво за животот и смртта во кој взаемно се проникнуваат фиктивното и фактографското, историјата и совремието, индивидуалните и колективните судбини, големите и малите наративи, домот и туѓината, црно-белата перцепција на стварноста и на човековото постоење воопшто. Овие универзални вистини се пренесени низ моќната, возбудлива и сугестивна нарација на Лидија Димковска, позната од нејзините претходни романескни остварувања. Романот Но-Уи има една историска и една актуелна димензија; демонот на историјата се повторува, во игра е не само сенката на фашизмот од Втората светска војна, туку и неговото наследство во современиот политички дискурс на нашите балкански простори. Нарацијата реферира на некои вистински, реални, историски настани и личности, од една страна, но од друга, и на некои актуелни случувања во европски (и светски) рамки, како што е миграциската криза, на пример“, се вели во одлуката на жирикомисијата.

Балканика претставува една од најзначајните книжевни награди во регионот, која со своето постоење од 1996 година, претставува еден редок позитивен пример на одржлива културна соработка меѓу балканските држави. Во Фондацијата Балканика членуваат издавачки куќи од 7 балкански држави, и тоа: Македонија, Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција и Романија.

За наградата одлучува 7-члена меѓународна стручна комисија, составена од по еден врвен книжевен критичар од секоја држава. Со меѓународното жири претседава истакнатиот професор Ендрју Вахтел, од САД. Претседател на Фондацијата Балканика е господинот Николај Стојанов од Бугарија. Годинава, Балканика 2015 и Балканика 2016 (две жирирања и доделувања на наградата) ќе се одржат во една книжевна манифестација во Скопје, во месец декември годинава.