Розберг го избришал Фејсбук профилот за да ја освои титулата во Ф1

Поранешниот пилот на Мерцедес, Нико Розберг откри што морал да направи, меѓу другото, за да ја освои титулата во Формула 1 во 2016 година.

Германецот се фокусирал на двете единствени нешта кои биле навистина важни: неговото семејство и како да се победи следната трка, за да се приближи уште повеќе до посакуваната цел.

Во 2014 и 2015 година тој заврши на второ место, па одлучи да направи максимални напори во 2016 година.

– Решив да се ослободам од апсолутно сè во животот што ме дефокусира, и да се концентрирам само на едно – всушност две работи – семејството и како да го освојам претстојното натпреварување. Го избришав Фејсбук профилот, престанав да читам вести и мислев само за најважното. Кога бев дома гледав како да се опоравам на најдобар начин, како да тренирам подобро за да се подготвам и истовремено да сум свеж, изјави поранешниот шампион во Ф1.

Тој додаде дека имал посебен режим на исхрана, па дури и се консултирал со доктор како да спие добро.

– Целосна концентрација. Сето тоа ми помогна да дојдам до највисоко можно ниво. И не мислам дека некогаш можам да бидам подобар од тоа, оцени Розберг.