Родилката на која што и дадоа сендвич со таблети, роди здраво дете

Вистинска драма се одвивала вчеравечер во Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Триесет и тригодишна скопјанка била примена со породилни болки, по што три машки лица – нејзини познаници дошле во болницата за да ја посетат. Меѓудругото, и донеле сендвич, а во него вработените пронашле четири големи таблети сина боја, информираат од полицијата. Од таму дополнуваат дека се истражува за какви апчиња станува збор, односно дали пријателите на скопјанката сакале да и помогнат или дали да и нанесат зло.

Од извори во болницата дознаваме дека жената била примена во големи болки, а нејзините пријатели се обидувале да и достават храна и пијалоци. Најпрво, доставиле шише со вода, а поради сомнителното однесување, шишето било проверено и во него, исто така, биле пронајдени апчиња. Тројцата мажи потоа ја смениле тактиката, па таблетите сакале да ги протнат преку сендвич.

„Поради целиот хаос, и сендвичот беше проверен“, објаснуваат нашите извори.

Породувањето поминало во најдобар ред, скопјанката го родило своето четврто дете. Имајќи предвид дека бременоста била неконтролирана, како и поради нејасниот социјален статус, со родилката, која е во добра здравствена состојба, работат социјални работници.

Идентитетот на таткото не е познат. На родилката и бил извршен и ХИВ тест, а резултати уште не се готови.

Г.А.