Рованиеми, Финска: Ѕирнете во канцеларијата на Дедо Мраз

Финска – Сте се прашале ли некогаш што прави Дедо Мраз откако ќе заврши со делење пакетчиња на Божик? Па, како и секој друг вреден возрасен човек, се враќа во канцеларија.

Селото на Дедо Мраз во Рованиеми, Финска е местото каде се наоѓа канцеларијата на Дедо Мраз што го игра актер полиглот. Тој секој ден се сретнува со илјадници обожаватели и го шири празничното расположение.

Рованиеми бил речиси целосно срушен во Втората светска војна, според информациите објавени на официјалната веб-страница на градот.

Во 1950 година тогашната прва дама на САД го посетила градот за да провери како се одвива обновувањето. Пред да пристигне првата дама во Рованиеми, градските власти изградиле дрвена колиба на неколку километри северно од градот, баш на арктичкиот круг. Оваа колиба ден-денес стои во селото на Дедо Мраз.

Дедо Мраз влегува во приказната неколку децении подоцна: легендата вели дека оригиналниот дом на Дедо Мраз е на скришно, зафрлено место во Финска и за него знаат само неколкумина избрани луѓе. Затоа во 1985 година “Дедо Мраз” заедно со локалните власти одлучиле да отворат канцеларија за врски баш во колибата во Рованиеми.

Планот бил Дедо Мраз да ги пречекува децата дојдени во посета и да се развие туризмот во областа. Наскоро селото било отворено за работа и од 2010 година конечно официјално е родното место на Дедо Мраз.

Главната атракција, секако, е средбата со Дедо Мраз: околу 300.000 посетители годишно доаѓаат во Рованиеми.

Секое дете што ќе стигне до таму може да добие доказ за магичната средба. Во селото се продаваат сертификати што докажуваат дека навистина се сретнале со Дедо Мраз.

За дополнителна сума од 8 долари може да си гарантираат место на листата добри деца со тоа што ќе го купат Сертификатот на Дедо Мраз за добрина.

За оние кои не можат да стигнат до Финска, секогаш може да му напишат писмо на Дедо Мраз. За една година до поштата на Дедо Мраз стигнале повеќе од половина милион писма од деца што помошниците ги сортирале според земјата од каде биле испратени.

Во селото досега се пристигнати писма од 198 различни земји од целиот свет.

Може да пратите и писмо од Рованиеми до каде сакате бидејќи поштата е вистинска и функционална и има специјален поштенски печат со арктичкиот круг.

Има занимливости и за возрасните посетители: во барот и ресторан “Сноумен ворлд ајс бар” што се наоѓа во селото, с# е изработено од мраз, дури и чашите.

Возењата со санки што ги влечат ирваси и посети на фармата за ирваси се на листата популарни атракции во селото.

На посетителите однапред им е кажано дека ирвасите што летаат се резервирани само за Дедо Мраз, бидејќи потребни се “експертски возачки вештини што се учат со векови” за да се управува со нив, пишува на официјалната веб-страница за туризам на Рованиеми.