Рита Ора стана амбасадорка на УЕФА

Англија– Поп-ѕвездата Рита Ора успеа да ги спои музиката и фудбалот – стана амбасадорка на УЕФА. Убавицатакоја има успешна кариера во Лондон, ја објави оваа вест на својот Инстафрам профил.

„Многу сум возбудена што ќе ги здружам силите со УЕФА за кампањата која ја претставува прославата на женската сила и единствното низ фудбалот и музиката. Ќе работиме на неверојатни проекти и ќе ги охрабруваме девојчињата да играат фудбал“, напиша Рита.

Интересно е што ова не е единствена поврзаност на УЕФА со Косово. Претходно Дуа Липа беше избрана да пее во финалето од Лигата на шампионите.

Рита Сахатчиу Ора (27) е родена во Приштина. Била бебе кога бегајќи од војната родителите се преселиле во Лондон каде што Рита ќе се прослави како пејачка, актерка, судија во натпревари за музички таленти, ТВ-водителка и манекенка. На музичката сцена дебитира во 2012 година со албумот „Ора“ и веднаш се искачи на врвот на музичките топ-листи кога музичката кариера почнува да ѝ ја води американскиот могул Џеј Зи. Пред да глуми во второто и третото продолжение на „Педесет нијанси сиво“, ја посетувала актерката школа на Силвија Јанг. Во соработката со „Адидас“ се обиде и како дизајнерка. Сестраната Рита, Косово во 2015 ја прогласи за почесен амбасадор, а неодамна во Приштина пееше на годишнината од независноста.