Речиси половина од пратениците лани не се јавиле за збор

Триесет и шест пратеници воопшто не се јавиле за збор, ниту имале реплики и контрареплики на собраниските седници во периодот од јули до декември 2017 година. Дополнително на нив 22-ца воопшто не се пријавиле за дискусија, но имале по некоја реплика или контрареплика. Само еднаш своите ставови во вид на дискусија ги изнеле 21 народен избраник, објавува МИА.

Овие податоци се содржани во најновото издание на Мојот пратеник за периодот од јули до декември 2017 година.

Според овој извештај, во тој период повеќе излагања, реплики и контрареплики имале пратениците од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тогашниот предводник на коалицијата во Парламентот, пратеникот Илија Димовски, имал најмногу дискусии – 36, додека кај владејачката СДСМ тоа бил координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев – 16. Оваа слика во следното издание на Мојот пратеник, кое ќе се однесува до јули годинава, ќе се промени, ако се знае дека по декемвриското приведување на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за насилствата во Собранието на 27 април опозицијата не учествуваше во работата на Парламентот до пролетва. Промени има и во составот на пратеничките групи, особено кај владејачките партии.

Во период од јули до декември 2017 година Мендух Тачи од ДПА и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, само еднаш присуствувале на пленарна седница и ниту еднаш немале обраќање. Не присуствувале на ниту една седница на собраниските комисии.

За разлика од минатото кога лидерот на ДУИ Али Ахмети исто така не доаѓаше на седниците, во овој парламентарен состав тој присуствува на одредени седници. Така од јули до декември, според Мојот пратеник, тој бил 26 пати присутен на пленарни седници, а 45 пати не дошол, но не се обратил ниту еднаш ниту пак имал реплика или контрареплика. Не присуствувал на ниту една седница на комисиите.

Од јули до декември 2017 година Собранието донело 32 закони, 16 од економската област, седум од областа на политичкиот систем и девет од јавните дејности.

Одржани се 24 седници од кои две за пратенички прашања и на две имало обраќања. Завршени биле 15, а незавршени девет.