Рецензија: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“
Балканскиот примитивизам е огромна инспирација не само за балканските кинематографии, иако оние другите тоа никогаш не го признаваат. На прв и најквалитетен начин тој се појави во филмовите на црниот бран во Југославија. Некаде во овој период, американската писателка Ерика Јонг почна да пишува за балканизацијата на сексот. Ова докажува дека балканските култури долг временски период биле инспирација за останатите, најчесто за најразвиените цивилизации, со сета своја робустност и варварска култура.
Филмот Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона Стругар-Митевска, со Зорица Нушева и Лабина Митевска во главните улоги, најмногу го свртува вниманието кон младата, невработена жена. Таа, и покрај својот не мал интелектуален потенцијал и посветеност, едноставно не може да стане дел од Балканот и неговите валкани игри. Тука сме сите втурнати во своевидна борба за опстанок во која нема ни трошка хуманост, дури нема ни за претставничките на понежниот пол, дури нема ни за нивните мајки. Биолошката посветеност кон својот потомок е надвладеана од економски причини. Чувствувајќи ги коруптивните општествени пипки на своето изгладнето тело, родителот почнува да постапува согласно нив и против своето дете – во секој поглед. Ова е многу успешно, низ убедливи, природни дијалози (за кои жедува македонскиот филм) доловено во сценариото на режисерката и Елма Татарагиќ. Како што сум спомнувал и во претходните мои текстови, оваа режисерска успева да ги одбегне традиционалните недостатоци на домашниот филм – како материјалот што не може да се измонтира, стилската неизедначеност, неадекватниот кастинг, техничката недоследност итн. И регионално оваа авторка квалитативно многу отскокнува. Жанровски ова е социјален филм, со комедиографски стилизации – при што ни најмалку не наликува на Мајк Ли. Водењето на филмското дејство оддишува со една топла пластика, претежно од кафеавите до грао тоналитети кои на валканата натуралност ѝ даваат среден, суптилен ефект. Како сè околу да е хаос, но бидејќи тоа го гледа главната хероина – сето тоа самото се средува. Со ова на ликот му се дава епитет на извесна божественост. Тоа е лик кој не би сакал да побегне од ужасот на татковината затоа што чувствува дека без себе ќе ги остави останатите послаби. Тоа е лик кој отскокнува од сите останати во сценариото бидејќи не мисли само на себе. Продуктивното сценаристичко изненадување се состои во тоа дека оваа карактерна особина не е товар заради кој не може да се појават ликови кои ќе го поддржуваат. Така се добива ефектот на една божествена дволичност; како прстот на господ да се замешал. Сценариово, како и целиот филм, заслужува да биде земено предвид и за најголемите награди, се разбира доколку ништо не е потпаднато под стегата на најголемиот недостаток на домашниот филм, а тоа е легалноста, поконкретно во случајов оригиналноста. Имено, краткиот „Види ја ти неа“ е нешто речиси идентично. Во секој случај, оваа со десетлетија стара, криминална појава во домашниот филм треба сериозно да се истражи. Таа е причина за меѓународни санкции и дебакли. Овие појави се најчесто притаени. Странците кои ги дозволиле овие филмови на територијата на пуританскиот запад се санкционирани безрезервно. Од наша страна за сето ова никој нема кажано ни „а“.
Сакам да прокоментирам дека оние анонимуси кај нас што вршат избор за снимање сценарија и кои ги избираат филмовите за на фестивали, се комплетно некомпетентни или водени од неестетски пориви. Така што секој успех на нашите филмови е случаен. Водечката актерка Зорица Нушева даде една врвна, пред сè филмична интерпретација, најмногу во духот на она што го има кажано уште Аста Нилсен – дека на филм е подобро да не се одигра до крај отколку да се преигра. Лабина Митевска со една спонтана, допадлива интерпретација беше помошничката на протагонистот. Обмислената сценографија на Жељка Бурич ненаметливо игра со симболиката на просторот, како во ентериерот каде што има старински, флорален тапет.
Игор Поп Трајков