Рецензија: „Боемска рапсодија“


Особено интересен антрополошки факт е дека групата „Квин“ уште од самиот почеток на својата кариера беше многу популарна на Балканот. Тогаш на Западот се градеше некаква нерешителност кон овој иновативен рокенрол инспириран од операта. Оваа група се слушаше на седенките на интелектуалната, добро статуирана класа во некогашна Југославија. Овие собирања најчесто се случуваа во убаво дизајнираните ноќни клубови и дискотеки, како и во приватните живеалишта, но понекогаш и како продолжена рака на развиената мрежа на културни манифестации. Зашто музиката на „Квин“, всушност, изразува едно конзервативно стремење кон пристојност, кое сè дотогаш беше отсутно во рок музиката. Се чини на оваа линија беше и музиката на Џони Штулиќ (иако јас мислам само во тематски поглед и без директно влијание од „Квин“) која го изразуваше презирот кон балканскиот примитивизам, егоизам, агресивност и невоспитание. Значи, јас мислам дека Југословените тогаш имаа потреба да слушнат свои истомисленици во поглед на социјалната политика. Подоцна ваква потреба се појави и на Западот – кога тој стана уморен од претерано либералните општествени експерименти. Така музиката на овој бенд веќе не им беше здодевна, како на почетокот од нејзиното појавување.

Сето ова е вешто инкорпорирано филмот „Боемска рапсодија“ во режија на Брајан Сингер, со Рами Малек и Луси Бојнтон, во овој квалитетен биопик, остварен во најдобрата традиција на англиската прецизност. Се вели – само англиските филмови никогаш не грешат во ништо. Ова во случајов е навистина точно бидејќи не е направена честата грешка од овој жанр- трупањето на податоци и настани. Така, на пример, речиси се изоставени некои големи настани како албумот на Меркјури и Кабале „Барселона“ или саундтракот за филмот „Флеш Гордон“. За сметка на ова остварена е една навистина целосна претстава за психолошката ситуација во бендот, во кој сите членови внимаваат на она што се нарекува дом. Тука до некаде се издвојува вокалот Фреди Меркјури кому му е подредена оваа продукција, кој исто така го има тоа семејно стремење, но силата која го издвојува за жал надвладува. Таа сила е хомосексуализмот, кој исто е прикажан во духот на англиската прецизност. Односно нема некакви заобиколувања туку се доловува она што уште Платон го рекол – дека ретко кој е хомосексуалец заради љубов или задоволство, туку најчесто хомосексуалците се група на луѓе кои сакаат да се изживуваат едни со други. Меѓу нив нема место за слабаци. Геј-активистите лошо прават кога велат дека ова се конзервативни стереотипи, односно дека хомосексуалците се жртви на оние кои не се исто што и самите тие. Ова е многу децидно опишано во филмов – кога се гледа дека најдобри пријатели на хомосексуалците се хетеросексуалците и обратно. Имено освен природниот талент кој го има (Фреди е можеби најквалитетниот вокал кога и да е, со распон од 5 октави), главниот лик има и жеднување за нормалност во меѓучовечките односи. Затоа, особено жали кога е сам и напуштен иако на свесен начин самиот тоа многу го привикуваше. Затоа многу верува во сценскиот настап бидејќи така може да ѝ влијае на публиката истата да се препушти на есенцијалните, а не површните вредности.

Публиката најчесто: уши има – не слуша, очи има – не гледа, но затоа секогаш чувствува. Затоа во тој сонорно-меланхоличен тоналитет е изведена целата музика на бендот кој успева да оствари пред сè емоционален контакт со слушателот. На тој начин тој станува свесен за лицемерието на цивилизацијата, како она со Галилеј. Оваа помешаност на емоциите со професијата најдобро доаѓа до израз кога Персијанецот Фарук Булсара (вистинското име на Фреди) во кризен период ќе побара поддршка од блиските, за подоцна да биде погребан во духот на својот зороастерски идентитет – со кремирање. И во овој филм режисерот на „Вообичаените осомничени“ се занимава со комплексноста на злото, кое сите се плашат да го совладаат, заради што ова почнува да никнува и во доброто. Сите актери, а најмногу главниот Рами Малек, правилно постапиле кога решиле да ги толкуваат ликовите, а не да ги возобновуваат.

Игор Поп Трајков