Референдумскиот карван тргна без ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката гарнитура и другите партии и граѓански здруженија што се обединија во коалиција за поддршка на договорот со Грција од вчера  официјално почнаа кампања за успешност на референдумот на 30 септември. На првиот ден што е определен во роковникот на ДИК за почеток на јавната пропаганда, повикот „Излези за европска Македонија“ беше испратен од Клубот на пратениците, од каде што предводниците на владејачката коалиција – премиерот Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети, упатија повик до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да придонесе за успешност на референдумот како гаранција  за евроатлантските перспективи на земјата.
ВМРО-ДПМНЕ (со партиите што се сѐ уште дел од нејзината коалиција) засега е единствениот релевантен политички субјект кој е надвор од коалицијата „Заедно за европска Македонија“. Најголемата опозициска партија, во чии редови владее поделеност околу (не)учеството на престојниот референдум и вчера не излезе со поконкретен став по ова прашање. Единствено генералниот секретар на партијата Игор Јанушев на прес-конференција  ја повтори оценката дека граѓаните на Македонија се за влез во ЕУ и во НАТО, но договорот со Грција, рече, е капитулантски. Јанушев одговори дека траат сѐ уште внатрепартиските консултации околу референдумскиот став на ВМРО-ДПМНЕ.
Партискиот лидер Христијан Мицкоски, всушност, ја збуни јавноста кога најави дека својот став ќе го соопшти  до 10 септември, што создаде впечаток дека на тој датум почнува кампањата. Но, за разлика од изборните кампањи кои законски траат по 20 дена, за референдумот е оставено повеќе време за агитирање, така што јавната пропаганда стартуваше вчера, а ќе трае до 27 септември на полноќ.
 
Премиерот Заев го означи вчера стартот на кампањата, повлекувајќи паралела меѓу септемврискиот референдум во 1991 година и референдумот што ќе се одржи на последниот ден од овој септември. Според Заев, само референдумот за независност од пред 27 години  може да се спореди со предизвикот со кој се соочуваме денес.
– Гласањето на 30 септември на многу начини е уште еден референдум за зацврстување и потврдување на нашата независност. Заедно ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе го афирмираме нашето културно наследство и нашата посебност и ќе добиеме сигурна перспектива за иднината како членка на НАТО и ЕУ, истакна Заев.
Тој изрази оптимизам дека и овој референдум, како и тој на 8 септември 1991 година, ќе финишира со консензус.
– Убеден сум дека и ВМРО-ДПМНЕ, која е долго време поборник за нашата интеграција во ЕУ и НАТО, има силни причини да се приклучи. Знам дека и ВМРО-ДПМНЕ се за европска Македонија, како што знам дека не се согласуваат со постигнатиот договор со Грција. Критикувајте не за договорот со Грција, но немојте да ја пропуштите оваа шанса нашата земја да стане членка на НАТО и ЕУ. Оваа шанса е неповторлива, рече Заев.
Со сличен апел до опозицијата се обрати и лидерот на ДУИ, нагласувајќи дека гласањето на 30 септември ќе биде избор меѓу  две опции – „за“ ЕУ и НАТО или „против“. Али Ахмети порача дека референдумот е изјаснување за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и за подемократско општество со целосно владеење на законот и беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал.
– Ја повикувам опозицијата да се приклучи на заедничкиот успех бидејќи од постројувањето на нашата земја во ЕУ и НАТО придобивка имаат сите. Ги повикувам  сите оние кои сѐ уште се двоумат и ги калкулираат нивните позиции поради дневно-политички потреби да се надминат себе си и да застанат заедно со прогресивните сили во земјата, нагласи Ахмети.

Испитувањата на јавното мислење што беа презентирани во последните две-три седмици, всушност, значат ветар во грбот за референдумската коалиција што беше формирана деновиве. И покрај сѐ уште недефинираниот став на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, анкетите покажуваат дека се реални шансите не само да се обезбеди мнозинство гласови „да“ на референдумското прашање, туку и да се постигне цензусот од над 50 проценти излезност. Тоа го покажа и најновата објавена анкета на ИРИ. И покрај тоа што ова истражување е спроведено пред распишувањето на референдумот, близу половина од испитаниците се изјасниле дека имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, наспроти 22 проценти кои рекле дека би гласале против предложената промена. Збирот, пак, на процентите „за„ и „против“, пак, упатува на тоа дека значително би се надминал предвидениот праг, според кој на 30 септември на гласање треба да излезат над 900 илјади избирачи. Иако рефендумот е консултативен, проценките се дека голема излезност и јасно изразена гласачка волја „да“ ќе го олеснат понатамошното спроведување на договорот со Грција. Во таков случај, и опозицијата во парламентот би била на некој начин обврзана да учествува во донесувањето на уставните измени, за чие прогласување ќе бидат потребни 80 гласови.
Александра М. Митевска