Референдумска кафкарница
Марија Павлеска
Ако сакаме да се сработи нешто добро, тоа треба да се работи полека и промислено, па колку и да сме експерти во областа. Меѓутоа, Ралф Валдо Емерсон забележал дека кога се лизгате на тенок мраз, она што ве спасува е брзината.
Па така, нас минатиот четврток со соопштение ни „излизгаа“ една „голема граѓанска прослава“. Кога ќе ве изневери квалитетот, се стремите да се спасите со квантитетот – па така, прославата се најави во 15 града. Како се избирале градовите не беше објаснето, ниту па која е идејата зад распределбата на музичарите.
Кога сме кај листата на изведувачи на настанот кој се одржа во саботата, прва асоцијација што ми се направи беше пленум и контрапленум. Тие музичари и бендови што останаа доследни на алтернативата беа пленум(ци), а тие што се нафатиле да настапат – контрапленумци.
Ние разбравме дека оваа влада е „кул“ со контрапленумците уште пред неколку месеци кога за министер за здравство беше назначен контрапленумецот Венко Филипче. Всушност, јавноста дозна за потписот на Филипче на списокот со професори контрапленумци веднаш откако неговото име беше познато како можен кандидат за тоа министерство.
Меѓутоа, сè уште ми е нејасно како кај Владата помина приказната на сега веќе актуелниот министер кога тој се изјасни дека бил дезинформиран околу тоа што потпишува. Имено, неврохирургот тврдеше дека специјализантот кој му ја донел иницијативата за потпишување го брифирал дека се работи за иницијатива за наводни реформи на Медицинскиот факултет.
Што значи, министерот знае дека на факултетот му треба реформа, штом без двоумење (и читање) би ја поддржал секоја иницијатива околу воведување на промени. Меѓутоа, реформите се процес во кој се вложува многу време. Па така, тие три-четири минути кои се потребни да се прочита нешто пред да се потпише се ништо во споредба со тоа колку време, труд и енергија е потребно да се сработи макар една реформа.
Без да чита, потпишуваше и директорот на Агенцијата за млади и спорт. Последно актуелни беа неколку од настапувачите кои изјавија дека потпишале авторски договори за настап, без нив да ги прочитаат.
Иако нашата народна вели да се размислува со ладна глава, јас се согласувам со Славој Жижек кога вели дека во состојба на шок треба да се собере храброст и да се размислува. „Подоцнежните размислувања со студена глава не создаваат поурамнотежена состојба, туку попрво ја нормализираат ситуацијата овозможувајќи ни да ја избегнеме острицата на вистината“.
Ние одново и одново ја избегнуваме острицата на вистината. Но со тоа однесување не учиме, ама баш ништо и сме во положба одново да ги направиме истите грешки. Сите ние сносиме одговорност за своите постапки кои се непреносливи. Владата, исто така, сноси одговорност. Всушност и најголемата. И некој треба да им пренесе дека владеењето е монопол над одговорноста за одлуките, а не монопол над вистината. Без разлика на бројот на министерства за вистина.
Кога сме веќе кај таа млада пи-ар армија, или еве да не претеруваме – баталјон, дали никој од нив се сетил да предложи голема граѓанска еколошка акција? Некакво големо чистење на земјата од отпад сега кога сме на пат за ЕУ и НАТО?
Без помпа. Без сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување за 15 настани со вредност од 49.000 евра.
Без 150 редари, технички персонал, заштитни огради, 15 шатори, 15 гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал, во вредност од 35.000 евра.
Без „креативен концепт“ и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видеопродукција, визуелизации на бините и постпродукција со вкупен износ од 20.000 евра.
Ако се организираше таква акција во чистење, сите социјални мрежи ќе беа полни со фотографии без да биде потребна креативна кампања. Акцијата ќе беше и симболична – се чистиме од ѓубрето. Ќе означуваше дека имаме правец, дека имаме визија што значи здрав живот и здраво општество.
Не е само Денот на пролетта за еколошки акции, ама кој да се сети. А и кесите и нараквиците се неспоредливо поевтини од 180.000 евра, дури и ако се купат за цело население на нашава земја кандидат за подобра иднина. А, знаеме колку сме тука барем отприлика? Затоа што попис сме немале цели 16 години.
Кафкарница значи нешто за кое сите знаат, но знаат и дека ништо не може да се направи со него. Ние знаеме дека ќе направиме референдум без попис. Само ако некој се сети, низ сите кратки постапки и апсолутни мнозинства да го закаже референдумот после средина на октомври кога ќе се вратат и последните студенти од летна работа во странство. Всушност, оние што ќе одлучат да се вратат.