Референдумот ќе гради и ќе урива кариери


Резултатите од гласањето на 30 септември не само што на долг рок ќе ги одредат евроатлантските перспективи на државата, туку и ќе ги исцртаат понатамошните траектории на многу политички кариери. Тоа особено важи за премиерот Зоран Заев, кој решавањето на спорот за името го постави во епицентарот на владините политики набрзо по влегувањето во зградата на „Илинденска“ број 2.
Референдумскиот скор, веројатно, ќе влијае и на политичките кариери на другите важни актери во целиот процес на постигнување, потпишување, а сега и спроведување на договорот со Грција, како што се вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи или шефот на дипломатијата Никола Димитров. Што се однесува до вториот партиски лидер во владејачката коалиција – Али Ахмети, кој деновиве, повикувајќи на масовност на референдумот, ја прекрши својата практика на мошне ретки пригодни обраќања во јавноста, очекувањата се тој да почне да отстапува од челното место во ДУИ во наредниот период, откако најави пред извесно време дека ќе замине од партиското кормило кога Македонија ќе влезе во НАТО.
Проценките се дека исходот од септемвриското гласање ќе се одрази и на идните политики на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој калкулира сè уште со партискиот, но и со личниот став околу септемвриското изјаснување. Од тој аспект, многу појасна е моментно позицијата на шефот на државата Ѓорге Иванов, од чиј кабинет најавија дека тој нема да биде во можност да гласа на 30 септември бидејќи тогаш ќе биде во Њујорк. Според тоа, Иванов, практично, ќе го бојкотира референдумот кој, пак, и онака се одржува пред самиот финиш на неговата политичка кариера. Во мај следната година, Иванов заминува од претседателската функција и тоа, веројатно, ќе значи и негово збогување со политиката. Затоа, пак, проценките се дека резултатите од референдумот ќе ги исцртаат и позициите на политичките субјекти пред шестите претседателски избори во април и ќе ги навестат можните фаворити во трката за резиденцијата на Водно.
Заев е единствениот што вчера практично навести дека е подготвен да се повлече од политичката сцена во случај референдумот да биде неуспешен.
– Како премиер имам мандат до 2020 година. Ако референдумот не успее, ние веројатно завршуваме со политиките овде. Зошто би имале потреба од владеење кога државата нема иднина – изјави премиерот.
Според него, сите политички чинители, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, имаат одговорност за обезбедување просперитетна иднина на Македонија. Со оглед на тоа што референдумската кампања почна во четвртокот, а опозицијата сè уште не излегува со став околу референдумското прашање, Заев рече дека нема да престане со апелите до ВМРО-ДПМНЕ за единство во остварувањето на стратегиските цели на државата.
Според аналитичарот Петар Арсовски, понатамошната кариера на Заев во политиката во овој момент најмногу зависи од тоа каков ќе биде исходот од гласањето на крајот на овој месец.
– Референдумот, вклучително и договорот за името, е најважната, а практично и единствената работа со која се занимава Владата. Затоа не е тешко да се процени што ќе биде во случај да пропадне најзначајниот проект на премиерот и на неговиот кабинет. Ако референдумот успее – Заев може да биде херој. Но, ако не успее, тогаш остатокот од мандатот ќе му стане пекол – вели Арсовски.
Заев, како што оценува Арсовски, тешко дека ќе може да преживее политички неуспешен референдум. За Мицкоски, пак, вели дека е во покомотна позиција и дека може да преживее и успешен референдум.
-Тоа е предноста на немањето став. Мицкоски, веројатно, ќе почека да го види конечниот став и потоа ќе ги дефинира своите политики. Само што успешен референдум ќе значи голем притисок врз него, односно за неговите пратеници да гласаат потоа за уставните измени согласно договорот со Грција, објаснува Арсовски.
Претстојниот референдум е трет од независноста на Македонија, но прв консултативен досега. На почетокот на кампањата, Заев повлече паралела меѓу претстојниот и првиот референдум во 1991 година посочувајќи дека од изјаснувањето на 30 септември зависи зацврстувањето на независноста на Македонија. Што се однесува, пак, до вториот референдум – против територијалната реорганизација во 2004 година, кој го покрена Светскиот македонски конгрес, може да се каже дека тогашниот „успешен бојкот“ на и тогаш владејачкиот СДСМ придонесе во голем дел за паѓањето од власт на оваа партија – на парламентарните избори една и пол година подоцна.
Консултативниот карактер на претстојниот референдум, сепак, ги релативизира, параметрите за негова успешност, иако испитувањата на јавното мислење сигнализираат дека е можно на гласање да излезат околу еден милион гласачи и значително мнозинство од нив да ја заокружат опцијата „за“. Сепак, и ако не се прокнижи толкав одѕив, како индикатор за успешност може да се смета јасно изразена гласачка волја за прифаќање на договорот со Грција како гаранција за евроатлантските перспективи на државата.

Мицкоски сè уште во сенката на Груевски

Секојдневните апели од владејачкиот табор да се приклучи во поддршка на референдумот, како и лобирањата на влијателните странски дипломати, сепак, се чини не се моментно најголем проблем за Христијан Мицкоски во градењето став околу референдумот. Тој, паралелно, е соочен со поделби во самата партија во однос на дилемата дали да се учествува на септемвриското гласање и дали, ако се учествува, да се избере опцијата „не“ или „да“.
Исто така, анкетите покажуваат дека Мицкоски, осум месеци по преземањето на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, сè уште е во сенката на неговиот претходник Никола Груевски, барем што се однесува до неговата популарност меѓу десничарски настроеното гласачко тело. Иако Груевски најчесто може да се види на отворена сцена само за време на судските процеси што ги води против него СЈО, според најновата анкета на ИРИ, тој и натаму е политичар со највисок рејтинг во таборот на десницата, за разлика од Мицкоски, кој заостанува и зад претседателот Ѓорге Иванов. Според анкетата на ИРИ, рејтингот на Груевски летово изнесувал седум проценти, а на Иванов пет проценти. Мицкоски, пак, со само два проценти поддршка далеку заостанува зад Заев кој е сега прв на рејтинг листата со 16 проценти доверба.
Предноста на Груевски во анкетите, според аналитичарот Петар Арсовски, не е изненадување, ако се има предвид дека во Македонија егзистираат т.н. султан-партии.
-Тоа не е нешто што треба да изненадува. Бранко Црвенковски, откако замина од СДСМ, уште пет години беше најпопуларен политичар од тој табор. Исто беше и по заминувањето на Љубчо Георгиевски од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е нешто што треба да го загрижува Мицкоски во овој момент, затоа што неговата партија е поставена на авторитарни основи и ќе му се подреди, само е потребно да помине уште извесно време – вели Арсовски.

Александра М. Митевска