„Република Северна Македонија“ е договореното име за решение?

„Република Северна Македонија“ е најверојатно договореното име од рамката која ја договориле Димитров и Коѕијас за постигнување на решение за името, дознава Телма од дипломатски извори. Рамката договорена меѓу двајцата министри предвидува и план за конечно затворање на спорот кој се состои од 11 чекори, а која се очекува да биде верификувана утре од премиерите Заев и Ципрас во телефонски разговор, што би било вовед за нивна средба во Преспа за официјализирање на постигнатиот договор.

Според неофицијални извори на Телма, Македонија во јуни ќе добие датум за старт на преговорите со Европската унија, со или без конечен договор за името со Грција. Без постигнат  конечен договор до самитот на ЕУ во јуни, датумот за старт на преговорите Брисел би го условил со конечно постигнување на договор за името до декември. Референдумското изјаснување за новото име би се одржало во септември или октомври, а според информациите на Телма, 8 септември е датумот кој се разгледува како термин за референдумот.