„Република Илинденска Македонија“ прифатлива или не за Албанците?

Република Илинденска Македонија е опцијата, која ја разгледале како најприфатлива македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас на преговорите во Софија, а за кој денеска премиерот Заев ги информира учесниците на лидерската средба во Скопје. Kолку тоа име е прифатливо за албанските партии во земјава?

Во дебатна емисија на Телма, потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, изјави дека името „Република Илинденска Македонија“ е име кое обединува и претставува позитивен момент во преговорите со Грција.
„Сметам дека историски, бидејќи се работи за датум и настан важен за етничките Македонци, тоа има своја силна конотација исто така и за етничките Албанци. Се работи за еден момент кога ние како народи сме имале заеднички идеал и стремеж, што сметам дека е за една заедничка борба за повеќе достоинство. Сметам дека апсолутно политички секогаш остануваат инспирацијата и реалноста за реализација“, рече Арифи.

Од скопското Беса за „Независен весник“ го споделија ставот дека сè додека нема официјално решение на маса, нема да коментираат, но додаваат дека тоа име треба да има и албански превод.
„Во моментот кога на маса ќе имаме официјално решение, органите на партијата ќе се соберат и ќе одлучат дали тој предлог за нас е прифатлив или не. Засега не можеме да коментираме информации кои Владата не ги потврдила како вистинити, значи шпекулации. Познат е ставот на нашата партија дека новото име на Македонија треба да има и албански превод бидејќи во спротивно ако е само на македонски јазик, тоа име ги исклучува Албанците како граѓани на Македонија“, велат од скопското Беса.

Идентичен став има и во тетовското Беса. Потпретседателот на тетовското Беса, Абдуш Демири, за „Независен весник“ изјави дека од Владата очекува став дали името кое кружи во јавноста е, всушност, решението за кое Заев рече дека е прифатливо за двете страни.
„До овој момент има многу шпекулации за многу различни имиња. Сè додека немаме официјално соопштение од страните кои се опфатени во преговорите, ние не можеме да кажеме официјален став. Во принцип ние поддржуваме брзо решение, но тоа решение не треба да ги опфати само Македонците како етничка група или религија. Решението на името треба во себе да ги содржи реалните мултиетнички и мултикултурни елементи што ги има државата. Секое решение кое опфаќа само една нација или вера само ќе придонесе да се зголеми јазот меѓу народите во земјава“, смета Демири.

За Алијансата за Албанците, „Илинденска Македонија“ е неприфатливо име и тие очекуваат од премиерот Заев и официјално да ја соопшти опцијата за која од Софија рече дека е прифатлива и за Грција и за Македонија. Портпаролот на Алијансата за Албанците, Флакрон Беџети, за „Независен весник“ објасни дека новото име мора во себе да ја содржи мултиетничката слика на Македонија.
„Ние очекуваме официјален став од премиерот и од Владата во врска со името. Откако ќе го направи тоа, официјалниот став ќе биде разгледан од органите на партијата и ќе изградиме официјален став. Наше барање е да има поголема транспарентност за овој процес и да изградиме прифатлив внатрешен политички консензус“, рече Беџети.

Аналитичарот Артан Дика објаснува дека името „Република Илинденска Македонија“ е во спротивност со изјавите на лидерот на ДУИ, партија која според него во тишина даде зелено светло за оваа опција.
„Се очекува да ја видиме реакцијата на албанските партии, во преден план реакцијата на партијата на власт, која се чини дека со молчење даде зелено светло. Тоа што не се знае е дали во употреба ќе биде само верзијата на македонски јазик или ќе има и превод на други јазици. Колку и да изгледа оваа опција како решение за проблемот со името, како надоврзување на името на државата со Крушевската Република, ова име симболизира еден етникум кој е изграден од три етничности: Словените, Албанците и Власите. Поврзувањето на името на државата со Илинден остава горчлив вкус поради исклучиво словенскиот и православен карактер што го има. Симболично, таквото индиректно име ги претставува Албанците како станари во земјата и земјата како нешто што не им припаѓа. Такво име отворено е во спротивност со изјавите на претседателот на ДУИ дека за Албанците е неприфатливо име со словенско име или суфикс“, рече Дика.

Блерим Исмаили