Репортажа: Сите пет деца на Фатиме и Сулејман загинаа во несреќи (ФОТО)

На трагедиите на тетовското семејство Зулбеари им нема крај. Во пожар што избувна во нивната семејна куќа во населбата Поток загинаа 38-годишната Фатиме и нејзините четири деца на возраст од шест до 14 години. Сопругот бил на работа, додека дедото и бабата го преживеаја стравотниот пожар. Да биде несреќата поголема, пред четири години во сообраќајна несреќа загина и петтиот син на Фатиме и Сулејмани. Причините за избувнувањето на пожарот на првиот кат од куќата сѐ уште се истражуваат, но првичните проценки се оти огнот пламнал од каминот што греел во собата каде што спиеле мајката и децата.

Траорна атмосфера затекнавме утрово на улицата „Гоце Делчев“ во Тетово. Од шок и од тага, соседите занемеа, зборовите едвај излегуваа од уста поради плачот. Полициските ленти на стотина метри од куќата број 185, не даваа можност за приближување, но и онака сѐ беше јасно. Од двокатната куќа остана само долната половина. Додека форензичарите, полицијата и обвинителството вршеа увид, противпожарните возила се обидуваа преку тесните улички да се доближат до опожарениот објект. Насобраните граѓани со неверување гледаа надевајќи се до последен момент дека злокобната вест што ги разбуди утрото е неточна.

„Пожарот, изгледа, пламна околу 3.30 часот по полноќ, ама беше глува ноќ, сите спиевме, никој ништо не слушна. За неколку минути целата ситуација се измени. Ќерамидите почнаа да пукаат, како детонации да слушаме. Излеговме надвор. Некој повика полиција и противпожарна. Огнот беше премногу силен, немаше теоретска шанса да се влезе внатре, почна да се шири и во соседната куќа“, сведочат соседите.

За тоа време, семејството Зулебари се соочувало со драма што заврши со стравотен крај. Дедото и бабата спиеле на долниот кат, додека на горниот биле Фатиме и децата. Се грееле со камин. Во еден момент избувнал силен оган. Немало време за евакуирање. Покривот почнал да се урива, да паѓа врз домашните. Пламените јазици ги зафатиле креветите. Мајката почнала да вика и да бара помош. Бабата и дедото се разбудиле.

„Бабата има 66 години и колку-толку е во добра здравствена состојба, па се качила по скалите и се обидувала да ја отвори вратата за да ги спаси снаата и внуците. Дедото има 77 години и потешко се движи. Кутрите тие, што ќе им е сега животот, подобро тие да отидеа, а децата да се спасеа“, се јадосуваат блиските на семејството.
Таткото Сулејман работел како чувар во магацин. Бил на работното место. Подоцна му било јавено дека во куќата избувнал пожар. Го јавнал велосипедот и поитал дома. Кога го видел пожарот, го фрлил велосипедот и се втурнал во куќата. Во само еден миг остана без сопругата и четирите деца.

„Да не му е човек во кожа. Трагедија до трагедија. Пред четири години загина и петтиот нивни син. Го прегази автомобил во близина на Скопје. Тамам се созедоа како семејство, ете што им се случи“, сведочат роднините.
Во несреќата загинаа три машки и едно женско дете. Семејството Зулбеари во Тетово се доселило пред петнаесетина години. Мајката била од скопските села околу Сарај. Била невработена, но работела како хигиеничарка во соседството. Целото семејство важело за исклучително чесно и воспитано.

Командирот на Тетовската противпожарна единица, Ука Алити, информираше дека пријавата за несреќата кај нив стигнала во 4:15 часот, по што на самото место интервенирале четири возила и 13 пожарникари.
„Во моментот кога дојдовме три куќи беа зафатени од пламените јазици, од кои на средната, покривната конструкција, беше целосно изгорена. Имајќи предвид дека куќите се една до друга и од постар датум, имаше опасност пожарот да ги зафати и другите куќи, но со максимално залагање спречивме проширување на огнот на соседните објекти“, изјави Алити.
Од Основното јавно обвинителство велат дека повикале тим за форензика од Скопје и екипа на ЕВН, кои треба да помогнат во утврдување на околностите и причините за пожарот.

„Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија неопходни за расветлување на случајот“, соопшти Обвинителството.
Уличките што водат до населбата Поток во Тетово се неверојатни тесни, во сокачињата има паркирани возила, па невозможно е да се разминат два автомобила. Пожарникарите се пожалија дека изгубиле драгоцено време додека пристигнале до куќата на Зулбеари. Никогаш нема да дознаеме дали имало шанси за несреќното семејството.

Горан Адамовски
Фото: Борис Грданоски