Ремзи: Титула во Лига Европа ќе биде идеалното испраќање на Венгер

Играчот од средниот ред на Арсенал, Арон Ремзи се надева дека неговиот тим ќе направи идеално испраќање на Арсен Венгер, откако ќе ја освои титулата во Лигата на Европа.
По 22 години на чело на клубот, Французинот одлучи да го напушти тимот по крајот на сезоната.
– Се надевам дека заради него ќе ја завршиме сезоната на најдобар начин. Не размислуваме за тоа кој ќе го предводи тимот по него, единствено сме фокусирани на своите претстојни задачи. Ќе биде одлично да победиме на сите натпревари и да ја освоиме Лига Европа. Ако го направиме тоа, ќе направиме совршено испраќање на Арсен, изјави Арон Ремзи.
Репрезентативецот на Велс додаде дека тој го заслужува тоа поради неверојатната работа што ја завршил во клубот во изминативе 22 години.
– Арсен секогаш верувал во нас, секогаш нѐ поддржувал, јас лично му должам се на него. Токму тој ме купи, кога имав само 17 години, изјави Ремзи, цитиран од „Скај Спортс“.