Ред бул Лајпциг и Ред бул Салцбург играа меѓу себе

Тоа што УЕФА упорно се обидуваше да го спречи, се случи во четвртокот вечерта. Во натпревар од првото коло од групата Б во Лига Европа, меѓу себе играа Ред бул Лајпциг и Ред бул Салцбург. Станува збор за клубови со заеднички сопственик – австрискиот бизнисмен Фитер Матешиц. Според прописите на европската фудбалска организација, не е дозволено во исто натпреварување да играат клубови со еден газда.

УЕФА со недели ги истражуваше и ги вештачеше двата клуба и заклучи дека се во тежок судир на интерес. Им нареди да ја променат сопственичката структура. Лајпциг и Салцбург се намачија да го направат тоа, имајќи предвид дека имаат луѓе што седат во управните одбори на двата клуба, вклучувајќи го и извршниот директор. Тие мораше да се одлучат за еден клуб. Тимовите добија јасни насоки што мора да направат и како да ја променат сопственичката структура. Откако го испочитуваа тоа, добија зелено светло за настап.

Проблем беше и идентичното име, но и тука се најде чаре. Имено, правилата на Бундеслигата налагаат ниту еден клуб да нема име на спонзор, па Ред бул беше заменет со фразата „Расен Балспорт“, а кратенката остана иста – Р.Б. Австрискиот Ред бул само формално не е во сопственост на таа компанија, па сега се вика ФК Салцбург, а Ред бул е само главен спонзор, иако самиот грб открива многу повеќе.

Ниту Лајпциг веќе не е формално во сопственост на Ред бул, но таму ситуацијата е малку покомплицирана. Клубот, односно неговите 17 членови од редот на Ред бул имаат 51 процент во Управниот одбор на „Расен Балспорт“, кој управува со првата екипа, а 99 отсто од акциите на фирмата се во сопственост на Ред бул. Звучи контрадикторно, ама тоа е единствениот начин да се испочитуваат строгите правила на Бундеслигата.

Двата клуба на дресот го имаат логото на Ред бул, а и бојата на дресовите им е слична. И покрај тоа што „докажаа“ дека не се во директна врска, германскиот и австрискиот Ред бул, како и целата спортска фамилија (Њујорк ред булс и академиите во Бразил и во Гана) одлично соработуваат. Меѓусебното позајмување и купување играчи се нормална практика, па така денешниот фудбалер на Ливерпул, Наби Кеита, мина на калење во Австрија, пред да замине во Германија. Слична е приказната и со Сади Мане, кој стана фудбалер во Салцбург и требаше да премине во Лајпциг пред Саутемптон да замавне со милионите и да го земе во Премиерлигата.

Дури 25 играчи минаа во двата клуба. Австриската „подружница“ секогаш му беше филијала на Лајпциг, каде што денеска играат вкупно шест поранешни играчи на Салцбург.

Завчерашниот меч во Лајпциг заврши со победа на Австријците од 3-2.