Ревија на Joвана Филиповиќ: Мода, убавина, луксуз и сеир

Фатални убавици, од кои зрачеше машки сензибилитет, синоќа прошетаа меѓу убавиците-гостинки, како дел од ревијата на дизајнерката Јована Филиповиќ во Скопје, за која секогаш се бара покана повеќе. Ист луксузен амбиент и декорации, совршена организација, кроевите повторно минималистички. Ново е што ревијата беше во поинтимна и приватна локација (Салонот за мебел Тинк украсен во новогодишно руво) и од затворен круг.

“Сметам дека самата колекција бара таков тип на презентација, вели Филиповиќ, совршено дотерана и во екцентрични чевли “Баленсијага“, купени во Виена.

Моделите за сезоната есен- зима  2018, иако минималистички, не се монохроматски, туку изобилуваат со повеќе бои и принтови. Црпат инспирација од скиците, принтовите и дизајните на Ромаин де Тиртоф. и од арт деко ерата во којашто работел и творел овој уметник, познат под псевдонимот Ерте.

Беше уживање да се биде на гости кај Филиповиќ, во луксузниот дом, замислен како приватен шоу-рум. Додека дотераните гости како за црвен килим, од сите сфери на јавниот живот, муабетеа и седеа распоредени низ собите на Салонот, а келнерите послужуваа,без никаква најава, по барање на дизајнерката, започна и се одвиваше ревијата.Човек да посака пак да и дојде на гости на Филиповиќ. Таа секогаш ќе ве пречека и испрати како совршена домаќинка.

Л.Сабит

Фото: Б. Грданоски