Рандеву со совеста
Александра М. Митевска
Во право е поранешниот шеф на дипломатијата Никола Попоски кога вели дека Македонија требаше (или можеше) да го почне скринингот веднаш откако го доби кандидатскиот статус во ЕУ кон крајот на 2005 година.
Со оглед на тоа што во тоа време нашата земја беше ѕвезда водилка во регионот на патот кон Брисел, можеби, навистина, ќе ја оствареше и својата тогашна амбиција да влезе во ЕУ во 2012 година, доколку во годините што следуваа по добивањето на кандидатурата на домашен терен не почнаа да се спроведуваат политики кои значеа уназадување во исполнувањето на европските критериуми. Политики што доведоа до заладување на односите со соседните држави, посебно со Грција, но и со Бугарија, чии актуелни власти ова лето, пак, широкоградо го поддржаа поместувањето на Македонија еден голем чекор напред кон ЕУ и доделувањето на поканата за членство во НАТО.
Политиките на антиквизација и на копање низ далечното минато, непочитувањето на клучните интеграциски критериуми – за независност на судството, слобода на медиумите, професионалност на безбедносните служби, рационализација на јавната администрација… како и честите политички кризи и предвремени изборни циклуси што ги спроведуваше тогашната владејачка гарнитура се само дел од причините што ја заглавија Македонија на интеграцискиот пат. По големиот успех во ЕУ во 2005 година, следуваше големиот неуспех во НАТО три години потоа. Од тој момент интеграциските процеси во земјава почнаа да се движат во спротивна насока – односно кон меѓународна изолација на земјата. Да не се создаваше таква општествено-политичка клима во претходните десетина години, можеби и немаше да има потреба од договорот во Пржино и од Извештајот на тимот на Рајнхард Прибе, чие целосно спроведување сега се наметнува како еден од клучните услови што ги поставува ЕУ откако Македонија го доби условениот датум за почеток на преговори за следното лето.
Далеку од тоа дека Попоски ја имал главната ролја во спроведувањето на политиките што придонесоа Македонија да стане „полуматрурант“ како кандидат за членство во ЕУ. Сепак, неговата најнова изјава како претседател на Националниот совет за евроинтеграции, со која на некој начин се оспорува значењето на почетокот на скрининг процесот на ЕУ во Македонија, е своевидна парадигма за односот на сегашната опозиција кон значајното поместување што го постигна актуелниот државен врв кон Брисел, пред сè поради постигнувањето на договорот со Грција.
Попоски, сепак, беше шеф на македонската дипломатија во втората половина од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кој во периодот на кулминација на политичката криза во земјава напредуваше до вицепремиер и беше еден од клучните преговарачи на тогаш владејачката партија во Пржино. Затоа, може да се каже дека е реална неговата оценка дека процесите што водат кон полноправно членство на земјава во ЕУ можеа да почнат и порано. Но поранешниот министер за надворешни работи би требало да е свесен дека брзината со која се одвиваат тие процеси зависи и од исполнувањето на поставените критериуми и од решавањето на билатералните спорови на земјите претенденти за членство, како и дека одлуката дали една земја ќе премине во следна етапа од интеграцискиот процес не зависи од неа, туку од препораките на Европската комисија и од конечната проценка на Европскиот совет. Затоа, Поповски нема право да го минимизира значењето на одлуката што беше донесена за Македонија на последниот европски самит минатиот месец, која значи и почеток на скринингот или на „дијагнозата“ за усогласеноста на македонското законодавство со европското.
Впрочем, и целата опозиција, во чие ново раководство, за волја на вистината, не учествува Попоски, нема право да го намалува значењето на исчекорот што го направи Македонија на евроатлантскиот колосек. „Димензиите“ на тој исчекор се дотолку поголеми ако се има предвид дека до него дојде по долгогодишно статус кво.
Затоа, сега е нецелисходно политичките елити да се навраќаат на пропуштените шанси во изминатите 13 години и да ја замајуваат јавноста со претпоставки од типот „што ќе беше, ако беше…“ Наместо тоа, сегашната опозиција треба да покаже конструктивност и желба за соработка со владејачката гарнитура за да се искористи шансата што сега е отворена пред Македонија за остварување на нејзините стратегиски цели. И тоа треба да го направи без проѕирни условувања за амнестија за насилства, чии разрешување ЕУ го постави како нов услов за земјата – слично како што и референдумот за името, што е закочен поради опозициските блокади, е критериум за зачленувањето на земјата во НАТО по добивањето на поканата, а во пакет со уставните измени што произлегуваат од договорот за името.
Притоа, треба да се сфати сериозно предупредувањето на европратеникот Иво Вајгл дека Македонија нема да има втора шанса како оваа пред која е сега исправена. Исто така, мошне сериозно треба да се земе предвид и метафората на еврокомесарот Јоханес Хан дека на македонските граѓани им претстои рандеву со историјата. Но за тоа „рандеву“ да биде перспективно, можеби претходно опозициските водачи треба да организираат рандеву со совеста. Зашто не е мала работа да се опструира остварувањето на стратегиските приоритети на државата и да не се демонстрира политичка свест дека ниту една голема цел не се достигнува без одредени жртви и болни отстапки.