Рамковните олеснувачи ќе ни олеснуваат за НАТО и за ЕУ

Поранешни високи дипломати и  олеснувачи во преговорите за Рамковниот договор сега ќе лобираат за забрзување на интеграциските процеси на Македонија. Предводник на новата меѓународна група на пријатели на Македонија наречена „Охрид“ е лорд Џорџ Робертсон, кој во времето на преговорите во Охрид во 2001 година беше генерален секретар на НАТО и, како што соопшти, во тој период дури 11 пати ја посетил нашата земја. Робертсон, со дел од учесниците во новиот тинк-тенк, беше вчера повторно во Скопје, каде што со премиерот Зоран Заев ја промовираа групата „Охрид“.

Освен Робертсон, во групата  се вклучени и поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билд и истакнатите дипломати, како Кристофер Гајд, Роберт Гелбард, Ален Лероа, Волфганг Ишингер, Дајмонд Вилсон, Зоран Чичак и Марк Лејти. „Охрид“, рече Заев, е неформална група, составена од членови со импресивни дипломатски и политички кариери и од различна политичка припадност.

– Некои членови на оваа група, во изминатите години, оставија силен печат со нивните дипломатски активности и поддршка за нашите напори за изградба на демократска, стабилна и просперитетна држава. Тие се тука да го поддржат нашето членство во ЕУ и НАТО, рече Заев.

Според Робертсон, има голема симболика во тоа што групата за поддршка на Македонија е наречена „Охрид“. Тој град, рече тој, е нешто посебно во Македонија, тој е заштитен од УНЕСКО, а таму е потпишан и Рамковниот договор.

– Поминаа 17 години кога последен пат се обратив на прес- конференција во Скопје, но во тоа време Македонија беше длабоко поделено општество на раб на граѓанска војна. Сега земјата е на добар пат кон просперитетниот свет, рече Робертсон.Македонија, како што посочи, во еден период од неговата кариера, била во фокусот на неговото внимание. Во тоа време, рече Робертсон, постоеше можност од поделба на земјата, но до тоа не дојде затоа што, како што нагласи, политичките лидери решиле заеднички и храбро да се движат кон иднината.

Робертсон посочи дека новиот тинк-тенк главно ќе ги советува премиерот Заев, владата и министрите, но ќе биде на располагање и на опозицијата и претседателот на државата.

– Вашата земја со цело срце се заложи за членството во ЕУ и НАТО. Но, ние немаме единствена формула за постигнување на овие цели. Не сме тука да даваме лажни ветувања. Важно е Македонија и Македонците да се заложат, да донесат одлуки, кои можеби нема да бидат лесни и популарни, но ќе бидат важни за идните генерации. Потребно е лидерство и раководство кое е одлучно и гледа во иднината, како што се случи во Охрид пред 17 години, рече Робертсон. Притоа, го поздрави лидерството на Заев, но и поддршката од грчкиот премиер Алексис Ципрас на целиот процес.

– По години талкање, забележувам вистинска надеж за напредок. Ние ја нудиме нашата поддршка со понизност, верувајќи во иднината на оваа земја и во нејзиното место во ЕУ кое ќе биде од полза за земјата, но и за цела Европа, порача Робертсон.

Заев, пак, истакна дека Македонија постигнала квантен скок, така што од заробена држава станала држава со јасна евроатлантска перспектива. Тој посочи на позитивниот импулс за членство во НАТО што Македонија го доби за време на посетата на генералниот секретар Јенс Столтенберг, како и на позитивниот извештај и чистата препорака од Европската комисија.

„Посакуваме 2018 да биде историска година за Македонија. Да биде година во која ќе добиеме почеток на преговори за членство во ЕУ и покана за НАТО, така што по ратификацијата во парламентите на земјите членки ќе станеме 30 членка на Алијансата“, рече Заев.

(А.М.М.)