Рами Малек одлучил да го игра Меркјури откако дознал дека се вика Фарук Булсара ?

Оскарот за Рами Малек во улогата на Фреди Меркјури во филмот „Bohemian Rhapsody“ беше едно од изненадувањата на годинашното доделување на наградите на Американската академија за филмска уметност и наука.
Малек беше прв кој одговори на критиките за филмот и за неговата изведба. Тука неизбежен дел има и неговата лична приказна.
Малек израснал во египетско семејство што било прва генерација мигранти во САД. Работел како келнер и едвај добивал улоги, па никогаш е помислувал дека може да постигне таков успех.
Тој зборува и за пресвртниот момент во одлучувањето дали да го игра легендарниот фронтмен на „Квин“ за кој не знаел многу.
„Никогаш во главната улога не гледав некој кој изгледа како мене. Никогаш не сум помислувал дека можам да го играм Фреди Меркјури, а потоа дознав дека вистинското име му е Фарук Булсара. Тоа беше најсилната порака што ми беше пратена од самиот почеток“, откри Малек.
Кога бил помлад, признава дека не бил горд на своето потекло и наследство.
„Како дете чувствував дека треба да се оттргнам од тоа, бидејќи се чувствував како аутсајдер. Со тек на време сфатив колку се убави мојата традиција и наследство и станав горд на богатството на културата, магијата на музиката, филмот и чистата уметност што доаѓа од Блискиот Исток“, рече тој.
Малек додава дека наследството на Фреди Меркјури не го трансформирало само него, туку дека инспирира и многу други.
„Тој човек излегувал на сцена и ги трогнувал луѓето како што никој друг не можел“, истакна Малек и за крај цитираше дел од една од најлегендарните песни на „Квин“:
„Сите сме човечки битија и извинете за ова, ама заедно сме шампиони“.