Рамиз Мерко бара да купи бела лимузина

Општина Струга реши да го поднови возниот парк. Денеска распиша оглас за набавка на четири возила со вкупна проценета вредност од речиси 100.000 евра.

Во огласот објавен на интернет-страницата за јавни набавки наведено е дека Општината бара да купи една лимузина со четири врати, со дизел-мотор, кожен волан со аудиокоманди, автоматски менувач, седиштата да се делумно или целосно кожни… Во огласот е наведено дека лимузината треба да поседува сензор за дожд, фабрички вграден навигациски систем. Исклучиво, како што стои во огласот, автомобилот треба да е во бела боја.

Покрај ова возило од повисоката класа, преку огласот се бара набавка и на три „послаби“ патнички моторни возила со пет врати.

Има ли нужна потреба Општината од овие возила или, пак, станува збор за луксузирање, денеска не успеавме да добиеме одговор од надлежните. На фиксните општински телефони не се јавуваше никој, а недостапен за изјава на мобилен телефон остана и градоначалникот Рамиз Мерко. (Д.Т.Д.)