Рама: Честитки за моите пријатели Ципрас и Заев за историскиот договор

Ратификацијата на Преспанскиот договор од страна на грчкиот парламент ја поздрави и албанскиот премиер Еди Рама. На Твитер тој им се обраќа на неговите колеги Ципрас и Заев, изразувајќи им почит и честитки за „исторскиот договорот“.

-Повторно почит и честитки за Алексис Ципрас и Зоран Заев за нивниот историски договор и ставањето крај на конфликтот меѓу Грција и Северна Македонија. Ова тешко можеше да го произведе стара локална политика, но тоа многу добро го реализираа моите пријатели, напиша Рама.

Гласањето беше поздравено и од претседателот на албанскиот парламентот, Грамоз Ручи, нарекувајќи го храбар чин на Грција.

-Гласање, од визионерски парламент. Балканот се ослободува од вековните инерции, рече Ручи.

И лидерот на најголемата опозициска сила, Демокртската партија, Љуљзим Баша го поздрави усвојувањето на Преспанскиот договор од страна на грчкиот парламент, оценуваќи дека договорот го отвора патот за членство на Северна Македонија во НАТО.

-Ја поздравувам ратификацијата на Преспанскиот договор од страна на грчкиот парламент кој го отвора патот за членство во НАТО на Северна Македонија и ги консолидира темелите на соработка за мирот и стабилноста во регионот, напиша Баша на Твитер.

Претходно усвојувањето на Преспанскиот договор го поздрави  и шефот на албанската држава Илир Мета, оценувајќи го како  историско достигнување и одлична вест за билатералните односи, европската и евроатлантската перспектива на нашиот регион.

За поранешниот министер за Европа и надворешни работи Дитмир Бушати ратификацијата на договорот е историски момент за Балканот и го отвора патот на Северна Македонија за членство во ЕУ и НАТО.