Ракомет: Бешикташ му нанесе петти пораз на Металург во ЛШ

Ракометарите на Металург загубија на гостувањето кај Бешикташ со 29:32 во меч од осмото коло во Лигата на шампиони. Поразот во Истанбул го остави македонскиот вицепрвак на претпоследното место на табелата во Д групата и без шанси за презимување во Европа.

Металурзи одлично почнаа во Истанбул. Имаа игра и водството по првото полувреме со 15:13 меѓутоа загубија глава во продолжението што го искористија домашните. Нанижаа пет гола во шест минути, а сопствената мрежа, притоа, ја направија невидлива за тимот на Александар Јовиќ и го трасираа патот до триумф за пробив до третата позиција на табелата.

Заслуги за тоа одат на адреса и на голманот Хендави кој на моменти беше нерешлива пречка за Металург. По седум погодоци за Бешикташ реализираа Озбахар и Вражалиќ, вкупно шест додадоа двајцата репрезентативци на Македонија кај турската екипа. Четири постигна Прибак, два Филип Лазаров додека прв стрелец меѓу поразените беше Кузмановски со шест гола.

Пред Металург се уште два меча до крајот на групната фаза. Екипата од Автокоманда на 25 ноември ќе биде домаќин на Мотор од Запорожје, а на 2 декември ќе патува во Португалија на мегдан со Спортинг Лисабон.