Ракометно ЕП 2018: Со Македонија во загрепска арена од 110 до 175 евра

Од 110 евра до 175 евра чини блок влезници за мечевите на ракометната репрезентација на Македонија во групната фаза на Европското првенство во Хрватска. Разликата во цена е во зависност од местоположбата на трибините во загрепска арена пришто најниската се однесува на поглед зад головите. Понудата е кај дел од овдешните туристички агенции, но има опција и за онлајн обезбедување на карти преку официјалната интернет страница на турнирот кои се дневни и важат за двата меча во колото. Се продаваат по цена од 150 куни (околу 1.200 денари), 200 куни (околу 1.600 денари) и 400 куни (околу 3.200 денари). До затворање на весникот имаше уште 350 влезници за дуелите од првото коло (Германија – Црна Гора и Македонија – Словенија), 850 беа слободни за второто коло (Македонија – Црна Гора и Словенија – Германија) и 1.032 дневни пакети беа достапни за третото коло (Црна Гора – Словенија и Македонија – Германија).

„Интересот е голем. Заинтересираните лица почнаа со резервации уште минатиот месец. При крај сме со пополнување на квотите за превоз, за сместување и за продажба на влезниците“, ни изјави Ирена Неделкоска од битолската туристичка агенција „Турист“ која нуди неколку навивачки пакети за Загреб.

Првиот, сеопфатен, вклучува превоз, сместување и блок влезници за трите меча на Македонија по цена од 259 евра до 279 евра по лице. Вториот опфаќа сместување и блок влезници за сума од 179 до 199 евра по лице што важи и за комбинацијата превоз и билети. Агенцијата нуди и само превоз и сместување, без влезници, по цена од 159 евра, а само за блок влезници (превоз и сместување во сопствена режија) треба да се издвојат меѓу 110 евра и 130 евра. Сместувањето е во хостел во повеќекреветни соби за четири ноќевања и не вклучува оброк. За храна се доплаќа 4 евра за појадок, 6 евра за ручек и 5 евра за вечера. Понудата содржи и факултативни активности што, исто така, дополнително се наплатуваат како и задолжителното патничко осигурување.

Блок влезници за мечевите на Македонија против Словенија (13 јануари), против Црна Гора (15 јануари) и против Германија (17 јануари) нуди и туристичката агенција „Пилот Травел“ од Скопје. Истите може да се набават по фиксна цена од 175 евра без организација на превоз и на сместување. Тоа значи дека и една и другата ставка во желбата да се биде на лице место при настапите на „црвено-жолтите“ во Хрватска отпаѓаат на сопствена режија.

Цената на патувањето со автомобил, покрај трошоци за гориво, ја дигаат и патарините што чинат околу 32 евра во еден правец. Од Скопје до границата со Србија е две евра, потоа уште 8,5 до Белград, од главниот град на северниот сосед до Шид е 3 евра и од српско-хрватската граница до Загреб 17,5 евра.

Сместување во хостел во Загреб, на пример за десет ноќевања (10 до 20 јануари) е околу 350 евра (вкалкулирани две лица). Ако кон тоа се додадат и трошоци за храна во објектот и надвор од него како и попатно, аранжманот би достигнал околу 500 евра, се разбира, индивидуално во зависност од личните потреби.

За оние со подлабок џеб на располагање стои и опцијата за патување со авион за што повратна карта, според искуствата од агенциите, може да се начека и 210 евра.

Националниот тим, во секој случај, се очекува да има поддршка од своите фанови во петтото учество на континенталните самити. Здружените навивачки сили од Македонија, од македонската заедница во Хрватска и околните држави ќе бидат ветар во грб на „црвено-жолтите“ на Раул Гонзалез за битките за бодови во групата Ц на 13. ЕП во ракомет.