Ракометарите земаа 30.000, им посакуваме 100.000 евра

Македонските ракометари кои без пораз ја минаа првата фаза од Европскиот шампионат во Хрватска, повеќе од сигурно дека ја заслужија и првата ветена премија од страна на Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Пласманот во втората фаза на првенството значи и награда од 30.000 евра која ја вети РФМ, по одлуката на Управниот одбор донесена пред патувањето за Хрватска.

По прикажаното во првите три меча, но и позицијата број 1 од која ќе го почнат вториот дел од шампионатот, реално ветува и висок пласман, па така доколку на крајот црвено-жолтите завршат меѓу шесте најдобро пласирани, ќе поделат уште дополнителни 30.000 евра. Целата македонска јавност се надева дека РФМ ќе ја исплати и премијата од 100.000 евра, која им беше ветена како награда за евентуален пласман во полуфиналето.

Едно е сигурно дека четата на Раул Гонзалез во моментов најмалку размислува за финансиската награда, истакнувајќи дека најголемата награда е поддршката која ја добиваат, не само од присутните македонски навивачи во Загреб и оние кои ќе ги бодрат во Вараждин, туку и од поддршката која ја имаат од целокупниот македонски народ, кој деновиве живее и се радува на ракометните успеси.

Втората фаза од првенството Македонија ќе ја почне во недела, со дуелот против Шпанија.