Разрешен шефот на германската разузнавачка служба БФВ

Германската Влада денеска реши да го разреши шефот на домашната разузнавачка служба БФВ, Ханс Георг Мазен, поради неговите контакти со националистичката партија Алтернатива за Германија (АФД).

Германската канцеларка Ангела Меркел побара разрешување на Мазен откако тој споделил разузнавачки документи со АФД и ги советувал нејзините лидери како да избегнат да се најдат под надзор на БФВ.

Мазен исто така беше критикуван откако изјави дека на снимките од градот Кемниц, каде избија протести по убиството на Германец од страна на двајца мигранти, не може да се забележат одмазнички напади врз мигранти од страна на националистите.

Германските медиуми пренесоа повеќе снимки на кои се гледаше како жители на Кемниц напаѓаат мигранти по веста за убиството.

Мазен ја имаше поддршката на баварската конзервативна Христијанско социјална унија (ЦСУ), чиј лидер Хорст Зехофер е германски министер за внатрешни работи. Но, другиот коалициски партнер во Владата на Меркел, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), бараше оставка на Мазен, кого го обвини дека е поддржувач на националистите и дека поради тоа не може да се справи со бранот протести и контрапротести што ја зафатија земјата околу мигрантското прашање.