Радмила Шекеринска-Јанковска: Министерка со стил

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска-Јанковска (45) со својот избор на гардероба ја почитува министерската функција, но и јавноста. Внимава на линијата, со ненаметлива фризура и шминка, со парчиња облека кои се евидентно брендирани, ама ускладени со дрес-кодот на јавна личност од сферата на политиката. Не се откажува од костимите, ги комбинира со здолништа или со панталони, со блузи или со ролки. Децентна е и едноставна. Доследна на истиот стил што го негуваше и како вицепремиерка и како пратеник. Некои ѝ замеруваат на конзервативниот стил и на истата фризурата, ама Шекеринска одамна сфатила дека ако сте во политиката или во „машка“ професија можете истовремено да бидете модно освестени, ама да не ја поминувате линијата на добриот вкус. Сепак, функцијата министер не дозволува модни излети кои имаат вулгарен призвук ниту остварување на личните желби. Помалку е повеќе!

Не е сѐ во гардеробата, ама стилот е многу важен во политичките и во дипломатските кругови. Нешто на што „паѓаат на испит“ речиси сите наши политичарки, со изборот на екстравагантна гардероба и екстремно високи потпетици кои се косат со модните правила во оваа сфера. Или премногу шминка, или запуштен изглед. Златна средина е вистинскиот одговор за дамите од високата политика, а тука спаѓа и Шекеринска.

Нашата министерка за одбрана, сепак, се труди строгите костими да ги ублажи со модни детали, како што се шамиите или брошовите, а и со изборот на посмели бои, како сината и црвената. Не носи накит, ама знае да изненади со црвен лак на ноктите. Носи класични шпицести салонки, ама знае да изненади со мошне модерни чевли. На времето креваше прашина со чантите „лансел“ кои се прилично скапи и може да се купат само во странство, ама со својот политички багаж, тоа може да си го дозволи. Приватно, Рада носи гардероба блиска на својата генерација. Може да ја видите и во фармерки, ама пак стилски ускладени со другите парчиња облека и пригодата. Не робува на марката, важен ѝ е квалитетот. Поранешната лидерка на СДСМ на времето беше вицепремиерка за европски интеграции и многу почитувана во Брисел. Изгледа европски. Затоа, секоја чест!

Лејла Сабит