Радичевиќ: Играта во одбрана ќе биде клучна за успех против Тирингер

Ракометарките на Вардар утревечер од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ го дочекуваат составот на Тирингер во последното коло од прелиминарната групна фаза во Лигата на шампиони. Желбата е единствена, се однесува на триумф за задржување на максималниот ефект по шест одиграни кола и пренесување на осум бода во вториот круг. „Црвено-црните“ се фаворитки, го знаат тоа и ја прифаќаат таквата улога, но, сепак, нагласуваат дека не смее да има опуштање и треба максимално да се одговори на предизвикот.

„Малку се опуштивме по победата против Ференцварош, но тоа и беше наша цел. Сега сме фокусирани на она што следува. Ги сакаме и овие бодови иако ги сака Тирингер. Победата во Германија не значи ништо ако не пристапиме сериозно. Нема да биде лесно. Мора да одиграме на ниво во текот на сите 60 минути бидејќи така играат тие без разлика дали се домаќини или гости. Клучот за победа ќе биде играта во одбрана“, вели Јованка Радичевиќ.

Вардарки славеа во првиот меч со Тирингер со 29:21. Покрај триумфот над бундеслигашот, македонскиот женски ракометен првак по двапати ги совладаа Ференцварош (29:28 и 34:31) и Ларвик (30:27 и 31:19). Утрешниот натпревар, поради повреди, го пропуштаат Андреа Лекиќ и Мирјета Бајрамовска.