Радев: Решение за името кое нема да засега трети страни

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Софија поддржува решение на спорот за името меѓу Скопје и Атина кое нема да вклучува територијални делови од Бугарија и нема да засега трети страни.

– Бугарската позиција е јасна, решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија, рече Радев, одговорајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Радев, како што наведе, верува дека ќе биде најдено решение кое е прифатливо и за Македонија и за Грција, но кое нема да засега трети страни.

Иванов рече дека преговорите за проблемот што Грција ги има со уставното име на Република Македонија ќе продолжат во ОН, при што македонската страна ќе се труди да се најде решение кое нема да засега трети страни и да ги инволвира во процесот.