Работнички прв финалист во Купот на Македонија

Работнички е првиот финалист на завршниот турнир од Купот на Македонија во кошарка, откако во вечерашното полуфинале го совлада Куманово со 77:68.

Нашиот најтрофеен кошаркарски тим наиде на силен отпор од мотивираната кумановска екипа, која беше рамноправен противник.

Избраниците на Марин Докузовски имаа контролата во поголемиот дел од натпреварот. Но, во вториот дел покажаа пад на играта што резултираше со губење на предноста од 16 поени, која ја остварија во текот на првото полувреме.

На кумановци им тргна шутот за три поени, па со низа од девет поени по ред во втората половина од третиот период намалија на минус седум (52:45), а во послендиот период спуштија и на само минус четири (65:61).

Меѓутоа Работнички се врати во ритам и продолжи со стабилна игра, што беше доволно за пласман во финалето.

Другиот финалист ќе биде познат по одигрувањето на вториот полуфинален натпревар меѓу МЗТ Скопје и Блокотехна.