Пaпата ќе прошета со папамобилот во Скопје, ако се добри временските услови

Посетата во Скопје на папата Франциско е од историско значење за Македонија и за граѓаните од сите верски и етнички заедници. Поглаварот на Римокатоличката црква заедно со делегација на Ватикан на 7 мај ќе ја посетат нашата земја, а за таа цел се подготвуваат строги протоколи на безбедност.

– Првата посета на поглавар на Римокатоличката црква на главниот град на нашата држава претставува голема чест и има силна симболика. Таа се реализира во годината кога одбележуваме 25 години од воспоставувањето дипломатски односи и претставува потврда на пријателските односи и соработката заснована на значајни историски врски, споделени духовни вредности и традиции. Во овој контекст неодминливо е спомнувањето на светите ликови на Мајка Тереза, како и на светите браќа словенските просветители Кирил и Методиј, чии хумани мисии оставија трајни, духовни и цивилизациски вредности – рече Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи.
Тој информираше дека соодветно на големината и значењето на оваа посета за нашата земја и за регионот Владата и МНР, како носители на организациските активности, во соработка со кабинетот на претседателот на државата и сите останати инволвирани институции, ќе обезбедат сите оние што ќе бидат непосредно вклучени во организација на овој настан да бидат на висината на задачите и протоколите кои важат за посетите на високиот гостин од Ватикан.
Во рамки на програмата, папата Франциско и делегацијата на Ватикан на аеродромот во Скопје ќе пристигнат на 7 мај во утринските часови. Ќе биде организирана соодветна церемонија за добредојде, а официјалната церемонија со највисоки државнички почести ќе се организира во претседателската палата на Водно, по што ќе следува средбата со претседателот Ѓорге Иванов, а потоа и со премиерот Зоран Заев, како и претставници на дипломатскиот кор.


– Предвидена е посета на Спомен-куќата на Мајка Тереза, каде што папата ќе има средба со лидерите на верските заедници и средба со сиромашни граѓани. Централниот настан, светата миса со која ќе чиноначалствува светиот отец папата Франциско, ќе се одржи на плоштадот Македонија, по што тој ќе се упати во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, каде што ќе се одржи екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите од нашата земја и од регионот кои тој ден ќе бидат во Скопје – рече Димовски.
Се размислува и за прошетка со папамобил низ улиците на Скопје, што е честа пракса на папата кога оди во посети на други земји.
– Ако дозволат временските услови го планираме и тоа – рече Димовски.
Станува збор за државна посета на највисоко ниво, се работи за историска посета за која важат и посебни протоколи за безбедност.
-Убеден сум дека МВР во соработка со Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање и со останатите пријателски и партнерски служби од странство ќе ги преземат сите неопходни мерки за безбедно одвивање на оваа посета – додаде Димовски.
Според него, самата посета на папата е уште една потврда за вредностите на кои работиме како земја.
– Се работи за милениумска посета, која самата по себе е порака. Нашата дипломатија и Католичката црква со години наназад работат на подготовка на една ваква посета. Посетата во период кога Република Македонија ги затвори историските прашања, проблемите што ги имавме во изминатите децении, кога со крупни чекори гази по патот на европските и евроатлантските интеграции, е уште една потврда на вредностите кои се обидуваме и како Влада и како држава да ги усвоиме и применуваме – рече Димовски.
Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов рече дека посетата на светиот отец е апостолско патување, а задача на тоа апостолско патување е да донесе духовни плодови.
– Средбата на папата со свештенството, монаштвото и соработниците е средба за соживот. Верувам дека пораката на папата ќе биде многу јасна и силна бидејќи од досегашните искуства гледаме дека на таа средба посветува големо внимание. Оваа посета може да биде знак на добра волја да ја почитуваме нашата совест и достоинството на секоја личност и народ и да живееме со повеќе плодови на соработка и безбедност, додаде скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Стојанов.
За сите информации во врска со посетата на папата е отворен и интернет-страница www.papa.mk.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски