Путин сѐ поблиску до нов мандат: Одбиена претседателската кандидатурата на Алексеј Навални

Руската Централна изборна комисија денеска го одби барањето на Алексеј Навални да се кандидира на претстојните претседателски избори.

Навални, кој е познат како организатор на протестите против рускиот претседател Владимир Путин, кого го обвинува за корупција, се сметаше за еден од посериозните кандидати кои можат да го предизвикаат актуелниот шеф на руската држава.

Причината поради која што Изборната комисија ја одби неговата кандидатура е тоа што тој е осуден за измама.

Навални тврди дека судскиот процес против него бил политички мотивиран.

Тој веднаш реагираше со повик до своите приврзаници да ги бојкотираат изборите.

Имајќи предвид дека на претходните избори во 2012 година одѕивот беше 65 проценти, се очекува дека Навални ќе го прогласи секој одѕив под 60 проценти како успех на неговиот повик за бојкот.

Со отстранувањето на Навални, најсериозен противкандидат на Путин ќе биде Павел Грудинин од Комунистичката партија, кој го замени „вечниот“ комунистички претседателски кандидат Генадиј Зјуганов.