Путин објави целосна победа во Сирија
Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека е постигната целосна победа над ИД на обете страни на реката Еуфрат во Сирија.
– Пред два часа министерот за одбрана Сергеј Шојгу извести дека операциите на источниот и на западниот брег на Еуфрат завршиле со целосно уништување на терористите – изјави Путин пред новинарите во Москва.
– Секако, на одделни места може да има одредени групи кои даваат отпор, но генерално, борбените дејствија во таа етапа и на таа територија завршија. завршија, повторувам, со победа и целосно уништување на терористите – истакна шефот на руската држава.
Тој оцени дека сега учесниците во решавањето на ситуацијата во Сирија, како што се сириската Влада, земјите од регионот и Обединетите нации, треба заедно да преминат на следната етапа.
– Сега треба да се преземат првите чекори: да се зацврсти досега постигнатото и областите на деескалација, да се стави крај на крвопролевањето на сириската територија и да се премине кон процес на мирно политичко решавање на ситуацијата – истакна Путин.