Путин: Новото руско оружје ќе биде неспоредливо во светот

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ќе порача ново оружје, на кое нема да му биде рамно ниту едно во светот.

Рускиот претседател на состанокот со високи воени офицери и полициски претставници изјави дека „Русија не се заканува никому и строго се придржува на своите обврски во областа на меѓународната безбедност и контрола на вооружувањето”.

Во исто време, рускиот претседател најави дека руските арсенали ќе бидат модернизирани со цел да обезбеди заштита од какви било потенцијални закани.

Путин тоа го кажа истиот ден кога НАТО во Норвешка ги започна најголемите воени вежби во светот од крајот на Студената војна со околу 55.000 припадници на војската.

Најавата на Путин уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека планира да ги повлече САД од договорот за контрола на нуклеарното оружје од 1987 година, поради, како што рече,  руското кршење на пактот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин денеска со постојаните членови на Советот за национална безбедност разговарал за прашањата на стратешката стабилност во контекст на плановите на САД за повлекување од Договорот за нуклеарни сили со среден домет (ИНФ).

-Разменети се мислења за стратешките безбедносни прашања, особено во однос на американските планови за повлекување од Договорот ИНФ, како и за други аспекти на руско-американските односи, рече Песков.