Прва реакција на Путин по нападот во Сирија, ситуацијата ја спореди со Југославија

САД и нејзините сојузници погодија цивилни и воени објекти во Сирија, кршејќи ги Повелбата на ООН и меѓународното право, изјави рускиот претседател Владимир Путин во реакцијата на американско-француско-британската интервенција во Сирија.

„Вашингтон започна агресија против суверена држава која е на чело на борбата против тероризмот“, се вели во изјавата на рускиот претседателот. Путин нагласи дека мултинационалните напади не биле санкционирани од страна на Советот за безбедност на ОН и довеле до кршење на Повелбата на ООН и принципите на меѓународното право.

„Уште повеќе, сегашната ескалација на сириската криза ќе има катастрофално влијание врз целиот систем на меѓународни односи. Сепак, историјата ќе ги поправи работите, како што веќе се знае дека Вашингтон е одговорен за масакрите во Југославија. Со употреба на сила, Вашингтон само го поттикнува новиот бран баратели на азил од Сирија и целиот регион“, смета рускиот лидер.

Русија повика итен состанок на Советот за безбедност на ОН за да разговара за агресивните акции на САД и нејзините сојузници, се вели во соопштението.

Вашингтон и неговите сојузници го започнаа бомбардирањето на Сирија во раните утрински часови во саботата во знак на одмазда за наводниот хемиски напад на владата на Асад во градот Дума, 10 километри од Дамаск.