Пудлицата Ловик за добар ден на Саша Зверев

Тенисот е испреплетен со приказни за семејна дисфункционалност. Мајк Агаси без никаква самоконтрола го форсирал малиот Андре да игра; Мери Пирс побарала судска забрана за приближување против нејзиниот татко кој ја малтретирал додека не постигне совршенство. Но, Звереви емитуваат хармонична слика што најдобро се гледа и се одразува врз настапите на Александар, освојувач на завршниот турнир во Лондон. Семејството патува заедно на сите турнири и со себе го носи и домашната пудлица Ловик за која некои организатори издаваат специјална пропусница (исклучок е Вимблдон).
„Сите во тимот имаат своја задача. Мајка ми се грижи за работи што се нејзина обврска, Ловик треба да направи Саша да биде во добро расположение кога ќе стане од спиење бидејќи кога ќе го видите вашето куче не може да бидете негативни. Тренинзите се обврска на татко ми. Се наоѓам и јас понекогаш ако изрази потреба за помош, во некои ситуации јас сум само негов брат“, вели Миша Зверев, повозрасен брат на Александар Зверев кого го сметаат за предводник на новата генерација на тенисери во која засега се вбројуваат и Карен Качанов и Стефанос Циципас.

Бекер: Саша го фрустрира Новак со импресивна ментална сила

Првиот голем исчекор на големата сцена за Александар Зверев се случи во мај во 2017 година. Едно неделно попладне засекогаш го промени неговиот живот и особено кариера. Шансите за победа беа против него од причина што за противник го имаше тенискиот киборг – Новак Ѓоковиќ. Но, успеа до сензација што го направи најмлад победник на Мастерс од серијата 1.000. Една и пол година подоцна Зверев го репризира успехот со Ѓоковиќ меѓутоа на настанот што на едно место ги обединува најдобрите осум во сезоната. Финалето во „О2 арена“ го коментира неговиот сонародник Борис Бекер, поранешен тренер на српскиот тенисер.
„Изминатиот период честопати зборувавме за новата генерација од која Зверев се издвојува од останатите. Се најави уште минатата година со влезот во топ 3 на АТП ранг листата што продолжи и оваа со триумфот на Мастерсот во Мадрид. Низ целата година игра константно и ќе заврши како четврти светски рекет во сезоната. Освојувањето на завршниот Мастерс е голем чекор за него“, вели Бекер и продолжува:
„Неговата ментална сила беше импресивна против Ѓоковиќ како и перформансот. Освоениот брејк во финишот на првиот сет го потврди со три аса за 1:0. Тоа е доволен показател за психолошката стабилност што ја поседува. Никој не може да игра нормално против Ѓоковиќ при долга размена на удари, но Саша успеа што го фрустрира Новак“.
Прв нареден голем турнир на кој се очекува потврда на константноста на Зверев ќе биде Австралија опен. Дотогаш ќе ужива во најавениот одмор во Дубаи и на Малдивите пред да се врати во Монте Карло на подготовки за новата сезона со фокус, пред се, на физичката спрема пред Хопман купот во Перт.

Звереви – тениско семејство што потекнува од Сочи

Александар Зверев е роден во Хамбург во 1997 година. Потекнува од тениско семејство од Сочи. Неговиот татко Александар Зверев сениор ги бранеше боите на поранешниот Советски сојуз, неговата мајка Ирина Зверева, исто така, градеше кариера во „белиот спорт“ со кој професионално се занимава и повозрасниот брат Миша Зверев. Татко му е во улога на главен тренер кому до почетокот на оваа година му асистира Хуан Карлос Фереро кој од август е заменет со еден од легендарните светски тенисери, Иван Лендл.
Во тенискиот свет и меѓу роднините и пријателите е познат како Саша. Со тенис почна се бави од петгодишна возраст во Германија, земја во која неговите родители се преселија во 1991 година од Русија.

Федерер е негов идол од детството

Предводникот на новата генерација на тенисери кои ќе треба да ги наследат Ѓоковиќ, Федерер и Надал, владетели во АТП турот во изминатите 15 години, говори три јазици – германски, руски и англиски. Идол од детството му е Роџер Федерер. Негов фитнес тренер е Џез Грин, а физиотерапевт – Уго Гравил. Живее на релација Германија – Франција, САД. Тренира во Монте Карло и во Садлбрук на Флорида.

Сака НБА и голф, навива за Мајами, игра ФИФА на Сони Плејстејшн

Тенисерот на кого му предвидуваат блескава иднина обожува да гледа НБА натпревари. Фан е на екипата на Мајами и важи за голем почитувач на Двејн Вејд. Во слободно време сака да ужива во кошарка и голф и со играње ФИФА 2018 на Сони Плејстејшн.

Профил

Александар Саша Зверев
Роден: 20 април во 1997 година во Хамбург
Висина: 198 см.
Професионалец од 2013 година
Игра со десна рака и има дворачен бекхенд
Тренер: Александар Зверев Сениор и Иван Лендл
Вкупна заработувачка во кариерата: 14.907.928 милиони долари
Скор во поединечна конкуренција: 175 победи и 89 порази
Титули во кариерата: 10
Највисок пласман на АТП листа: 3 место (ноември во 2017 година)
Моментен пласман на АТП листа: 4 место
Австралија опен: 3 коло во 2017 година и во 2018 година
Ролан Гарос: четврт-финале 2018 година
Вимблдон: осминафинале во 2017 година
Ју-Ес опен: 3 коло во 2018 година