Процес „Жан Моне“: Политичките лидери обединети Собранието да ги води евроатлантските интеграции

Во Собранието на Република Македонија ќе се формира Работна група составена од претставници на политичките партии, за да се поддржи имплементацијата на реформската агенда и следните чекори на процесот Жан Моне.

Како што информира собраниската прес-служба, на првиот дводневен неформален и отворен дијалог, политичките партии уште еднаш го потврдиле консензусот да работат заедно за земјата да напредува кон членството во ЕУ и да се интегрира во евроатлантските структури.

Со цел да се забрза овој процес, политичките партии се заложија Собранието да ја има најефикасната улога преку употреба на сиот свој демократски легитимитет, надзорната и законодавната моќ и преку започнување на серија реформи почнувајќи со итна посветеност кон усвојување нов Етички кодекс и применување итни измени на Деловникот. Исто така, беше усогласена посветеност кон поопсежна ревизија на Деловникот за да се обезбеди Собранието да биде поефикасно, транспарентно и ефективно при исполнувањето на очекувањата на граѓаните за членство во ЕУ.

Европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, потенцирале дека политичкиот дијалог е суштината на секој демократски процес и изразија задоволство од заинтересираност и енергична вклученост на сите наши политички партнери во процесот.

– Силни пораки на поддршка беа исто така упатени од страна на комесарот Хан и претседателите на двете најголеми европски политички парии – Европската народна партија и Партијата на европски социјалисти, се наведува во соопштението.

Вајгл, Кукан и Флекенштајн повторија дека, реформската агенда е целосно поддржана од ЕП, вклучително и Комисија за надворешни прашања и делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет.

Дијалогот Жан Моне придонесува кон поддржување на Македонија во следните чекори на напредок на земјата кон членството во ЕУ, особено следејќи ги безусловните и позитивни препораки од страна на Европската Комисија која сега ја очекува одлуката на Советот, соопшти Парламентот.