Протест за случајот „Монструм“ пред Кривичниот суд

Пред Кривичниот суд мала група граѓани побараа затворска казна за убиството кај Смилковско езеро. Тие истакнаа дека сами се организирании со цел да бараат правда. На овој протест не присуствуваа родителите на убиените момчиња, но за медиумите изјавија дека ќе почекаат да видат како ќе постапува Специјалното јавно обвинителство.

Инаку, пред шест години кај Смилковското Езеро беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во ноември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Минатиот месец случајот „Монструм“ го презеде Специјалното јавно обвинителство. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека очекува судскиот процес да продолжи во април во фаза во која бил прекинат и оти се подготвени да го презентираат предметот пред судот.