Протестот во Белград заврши со барање за ослободување на приведените

Протестот на опозицијата во Белград заврши вечерва околу 18 часот со барање до утре до 15 часот да бидат ослободени приведените за вчерашниот упад во зградата на РТС.  Според лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ тоа се деца на возраст од 18 до 20 години и побара лидерите на опозицијата да бидат секојдневно на програмите на државната телевизија и радио.

– Сите уапсени кои имаат меѓу 18 и 20 години се испратени во различни судови каде што им се изречени различни мерки од 48 часови приведување до притвор од еден месец, нагласи Обрадовиќ.

Рече дека ако полицијата не ги ослободи, организаторите ќе продолжат со протести до исполнување на  барањата.

Опозиционерите најавија дека се подготвуваат и контрамитинзи за поддршка на претседателот Александар Вучиќ.

– Претседателот на Србија, Александар Вучиќ е луд бидејќи собира свои активисти за да ги испрати во Белград. Тој сака граѓанска војна ама ние нема да учествуваме во тоа. Кога пак ќе се собереме, нема назад. Тоа е крај, нагласи Обрадовиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја напушти зградата на Претседателството денеска по 16 часот, откако по 13 часот демонстрантите ја опколија зградата и не му дозволуваат да излезе.

Поранешниот српски премиер Зоран Живковиќ, вo изјава за МИА вели дека во Србија веќе неколку месеци протестираат луѓе кои мислат дека Србија може да биде добро место за живот и дека пречка за тоа е режимот на актуелниот претседател Александaр Вучиќ

– Демонстрантите сметаат дека пречка за тоа е режимот на претседателот Александар Вучиќ, кој во изминатите седум години ги краде граѓаните на Србија на избори или со крадење на иднината на нас и на нашите деца, изјави Живковиќ.

-Овие протеси се насочени да се најдат нормални услови за избори. Сигурни сме дека на нормални изборни услови, со нормални медиуми, Вучиќ нема шанси да победи на следните избори. И, заради тоа е борбата, ова што се случува во изминатите 15-16 недели…Денеска имаме посебна цел – да го спречиме Вучиќ да ја напушти зградата на претседателството од каде преку прес конференција повторно ги навреди граѓаните на Србија и политичките противници и Македонците и сите во регионот, изјави Живковиќ.

Вучиќ во изјавата поставена на Инстрагам во 15:20 нагласува дека нема да го напушти Претседателството и нема да попушти пред „фашистичкиот лидер“ Бошко Обрадовиќ и тајкуните Ѓилас и Јеремиќ и дека никогаш нема да се откаже од борбата за пристојна и модерна Србија.

„Јас сум во моја канцеларија во Претседателството, нема да бегам, нема да заминам, зашто за она што се борам, принципите за кои се залагам се повредни од животот. Никогаш нема да се откажам од борбата за пристојна и модерна Србија, нема да се повлечам пред фашистичкиот водач и тајкуни, крадци кои ја оштетија земјата “, истакна тој.

Обрадовиќ, денеска изјави дека се собрале пред Претседателството на Србија да го повторат барањето за оставка на целиот државен врв и дека РТС треба да му се врати на граѓаните на Србија и дека на опозицијата и организаторите на протестот „Еден од петте милиони” да им се дозволи да зборуваат во вечерните вести на РТС.

Тој рече дека на српскиот претседател Александар Вучиќ нема да му дозволат да излезе од зградата на Претседателството.

– Денеска сме тука за да го испратиме, и да му порачаме -оставка, оставка, оставка, рече Обрадовиќ и ги повика жителите на Белград да им се придружат на демонстрантите пред Претседателството.

Тој рече дека „Вучиќ е опколен” и дека тој може само да излезе од зградата низ „глувчешки канали”.

Обрадовиќ додаде дека нема повлекување „се додека не му се види крајот на овој режим“.

– Ова е добар народ кој има лоша власт. Мора заедно да ја ослободиме Србија, нагласи Небојша Зеленовиќ, претседател на Заедно за Србија.
Драмскиот писател Синиша Ковачевиќ реќе дека Александар Вучиќ „веќе не е претседател“ и дека тие „ќе го известат за тоа“.

-Вучиќ веќе не е претседател, само тоа не му го кажале. Ние ќе го известиме за тоа, нагласи Ковачевиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека државата не толерира насилство и истакна дека ќе одговараат сите кои учествувале во насилствата за време на синоќешниот упад во РТС.

– Полицискиот синдикат на Србија ги повика полицајците да одбијат наредба за употеба на физичка сила врз демонстрантите во Белград, ако добијат таква наредба.

„Надвор од неговата надлежност Небојша Стефановиќ, со својата наредба, ги доведе во животна опасност граѓаните и самите полицајци, се вели во соопштението на синдикатот.

Синдикатот на полицијата ги повика демонстрантите да не ја напаѓаат полицијата, туку да покажат почит, а полицијата ќе биде на страната на народот.

„Полицијата треба да се придржува кон Уставот и законите, а не волјата на политичарите“, се вели во соопштението.

– Воениот синдикат на Србија денеска објави дека за инцидентот во РТС се одговорни и власта и опозицијата, и дека ниту еден од учесниците во мировниот протест не знаел за намерата на некои политичари да се упадне во РТС.

„Ароганцијата во провоцирање на луѓето кулминираше минатата ноќ, а емитувањето серијата на првата програма на РТС за време на народна ескалација е врв на безобразлукот и понижување“, нагласуваат од Синдикатот.