Протести во Приштина поради неукинување на визите


Студенти на државниот Универзитет во Приштина денеска излегоа на протест со барање до Европската унија за укинување на визите за граѓаните на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Протестот под мотото „Дали е изолацијата вредност на ЕУ?“, започна пред Филозовскиот факултет и продолжи со марш низ центарот на Приштина до пред Канцеларијата на ЕУ, каде што студентите поставија импровизирана гласачка кутија, во која симболично ги положија своите, како што изјавија, „безвредни пасоши“ како нивен „подарок за Европската унија“.

На оградата на објектот на Канцеларијата, студентите го закачија транспарентот со мотото на протестот и неколку плакати со пораки, како „Земете ги нашите пасоши за да видите како ни е“ и „Дали се човековите права навистина универзални?“.

Во изјави за медиумите, претставници на студентите рекоа дека со неукинување на визите граѓаните на Косово се неправедно изолирани од страна на ЕУ, а посебно е хендикепирана младата популација, на која ѝ е ограничен пристапот до образовните и научните институции во Европа.

За 10 јануари е најавен нов студентски протест, под мотото „Доста не изолирате, уште колку критериуми ни требаат“.

Косовските власти и граѓаните очекуваа визната либерализација да се случи до крајот на годинава, меѓутоа Брисел ја одложи на неодредено време.