Промоција на првата музичка сликовница „Авантурите на Лисичко и Калинка”

Издавачки центар ТРИ организира промоција на првата музичка сликовница „Авантурите на Лисичко и Калинка”, што ќе се одржи на 16 февруари, сабота, во Јавна соба, со почеток во 12 часот.
Сликовницата „Авантурите на Лисичко и Калинка” претставува мултимедијален проект кој се реализираше како одговор на потребата од ваква музичка сликовница приспособена за најмладите, за нивното запознавање со мајчиниот јазик. Проектот го вклучува и хорчето на диригентот Запро Запров, а оригиналниот лик и забавните илустрации се дело на групи млади автори.
На овој несекојдневен настан ве очекува незаборавно музичко патување низ еден шарен и распеан свет. Омилениот детски лик Лисичко ќе ве поведе низ своите авантури преку десетте прекрасни реденки, бројанки и приспивалки, а низ веселите игри ќе научите повеќе за другарувањето, за хигиенските навики, за годишните времиња… Освен тоа, Лисичко и Калинка ви подготвија и кратка-слатка куклена претстава проткаена со многу музика. Заедно со дечињата чии гласови се позајмени за ликовите, ќе може да ги пеете познатите песнички „Стани, стани, еженце”, „Сапунче”, „Врти маче”, „Вака-така”, „Ени, мени, сени” и многу други.
Оваа уникатна сликовница на еден поттикнувачки и прониклив начин ќе го направи учењето позабавно ставајќи го во фокус најприродното нешто за децата – играта. На овој начин и родителите ќе можат да поминат квалитетно време со своите најмили учејќи ги на вистинските вредности и пренесувајќи им ја љубовта кон книгата и музиката уште од најраните години, за здраво и среќно детство.