Проект на Моден викенд Скопје и Министерство за економија: Креирајте мода од текстилен отпад

Моден викенд Скопје, поддржан од Министерство за економија упатува отворен повик до младите дизајнери со помалку од три години искуство за проектот-креирање мода од текстилен отпад.

Проектот обезбедува едукација и инспирација за новата генерација модни дизајнери за оддржливи теории и техники на дизајнирање, со цел да се поттикне растот кон циркуларниот моден систем. Преку оваа иницијатива сакаме да му дадеме нов живот на текстилниот “отпад” на неочекувани начини, велат од Моден викенд-Скопје.

Целта на проектот е да се создаде одржлив моден дизајн од текстилен отпад. Производот треба да создаде нова врска со модата за позитивни промени на планетата и еколошката свест во нашата земја.

Треба да се испрати мудборд илустрирајќи ја темата и 3 скици со Вашата идеја за „реставрирање на модата“ со користење на техники за одржлив дизајн на Нула-отпад на info@fashionweekendskopje.mk до 12 септември 2018.

12 дизајнери / студенти ќе учествуваат на финалниот перформанс и изложба за време на осумнаесеттото издание на Моден викенд Скопје (ноември 2018) и ќе земат учество во серија работилници за одржлив дизајн под менторство на Ирина Тошева.

Проектот го поддржуваат и Текстилниот Кластер Македонија и „Пакомак“.

Зошто креирање мода од текстилен отпад?

-Модната индустрија е втора економска гранка во светот и е една од главните виновници за загрозувањето на животната средина. Брзата мода произведува огромни количества отпад. Околу 40% од купените алишта ретко или никогаш не се носат – во просек облеката се носи само 3,3 пати во текот на животот кај едно лице – а околу една третина од малопродажнатаоблека никогаш не се продава и затоа е изгорена или уништена по друг пат. Со овој проект сакаме да и дадеме втор живот на облеката вреднувајќи го и туѓиот труд. Модата има моќ да направи позитивни промени, повторно да створи мерки против тековно штетните системи, ни објасни Марија Илиќ, задолжена за односи за јавност на Моден викенд-Скопје.