Продолжува судењето за предметот „Траекторија“

Во Кривичниот суд за денеска е закажано рочиште за случајот на СЈО „Траекторија“, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Четворицата се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист

Груевски на минатото рочиште побара СМС пораките да бидат отфрлени како докази, бидејќи начинот на кој СЈО ги има прибавено не може да ја гарантира нивната автентичност. Обвини дека пред да му бидат дадени на СЈО, пораките биле во рацете на СДСМ, која, како што рече, е политичка партија која е негов силен противник.

Тој предложи судот да донесе формално решение со право на жалба како во случајот на Зоран Заев.

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска рече дека се добива впечаток оти истите приговори на одбраната може да се повторуваат уште шест месеци.

Одбраната побара да и бидат доставени записниците од рочиштата, како и прекин на главната расправа за доволно разумен период во кој ќе им се овозможи увид во аудиоснимките, а судијата Горан Бошевски рече дека претходно веќе тоа им е одобрено и доколку сакаат, можат со претходна најава во судот, да ги слушнат аудио доказите.