Проблеми во водоснабдувањето на Тетово по дождот

Обилните врнежи од дожд од саботата предизвикаа повеќе проблеми во водоснабдувањето на Тетово, како и лизгање на земјиштето што најсериозно било во Порој, информираше Арменд Фазлиу од секторот за информирање во општина Тетово.

Според неговите податоци, причината зошто изминатиот викенд дел од градот особено жителите на булеварите „Маршал Тито“ и „Благоја Тоска“, како и дел од улицата „Иво Рибар Лола“ останале без редовно водоснабдување се два големи дефекта во примарната водоводна мрежа во месностите Лешница и Вакуфски извор што ја намалило драстично количината на вода за потребите на градот.

– Дежурните екипи на ЈКП „Тетово“ го санираа дефектот во Лешница додека кај Вакуфскиот извор ќе се работи и утре. За задоволување на потребите за вода за пиење активирани се два бунара, така што моментално во Тетово има 300 литри вода во секунда со што состојбата е нормализирана, рече Фазлиу.

Од општинската администрација информираа дека како последица на дождот се активирале и две свлечишта во горниот дел од село Порој при што немало повредени лица, но е причинета поголема материјална штета. За нивна проценка веќе е формирана соодветна општинска комисија која по увидот на терен ќе определи соодветни средства како помош на луѓето погодени при последното невреме во Тетово, најави Фазлиу.