Приштина не добила барање од Белград за истрагата за убиството на Ивановиќ


Косовскиот министер за правда Абелард Тахири изјави дека до сега Приштина не е примила никакво барање од Белград за вклучување на српски претставници во истрага за убиството на Оливер Ивановиќ, додавајќи дека ниту има место за нешто такво.

Тој нагласи дека секоја информација на косовските граѓани која може да помогне за решавање на случајот со убиството на Ивановиќ е добредојдена, но не и учество на Белград во истрагата.

– Косовските институции до сега не добиле никакво барање, ниту од српската Влада, ниту од некој друг во врска со вклучување во истрагата за случајот со убиството на Оливер Ивановиќ, изјави тој за весникот „Експрес“.

Според Тахири, за истрагата на убиството надлежни се само косовските институции, додавајќи дека ниту Еулекс до овој момент не соопштил дека добил такво барање.

Лидерот на партијата Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), Ивановиќ беше застрелан вчера во Косовска Митровица. Во него било пукано додека влегувал во просториите на партијата. Ивановиќ по нападот бил итно пренесен во болница, но лекарите само констатирале смрт.