Приштина го налути Брисел: ЕУ бара Косово да ја укине таксата на странските брендови

Канцеларијата на Европската унија во Приштина ја повика денеска косовската Влада да ја преиспита одлуката со која се воведува такса од 100 отсто на производите од странски компании кои се увезуваат во Косово од Србија и од Босна и Херцеговина.

– Со загриженост ја гледаме одлуката на Косово да ја прошири таксата од 100 отсто за производи од меѓународно признаени марки од други земји, вклучително земји на ЕУ, кои се произведени во Србија и во Босна и Херцеговина, се наведува во соопштението на ЕУ амбасадорите.

ЕУ повторно ја повика Владата во Приштина да ја отповика одлуката и посочува дека овие царини не се во духот на добрососедските односи и регионалната соработка.

– Ова би било правата одлука за да напредуваат европските аспирации на Косово и неговиот народ, се истакнува во соопштението.

ЕУ уште еднаш побара од сите страни да се воздржат од постапки кои ја поткопуваат европската порака за регионална соработка.

Брисел ги повикува и Косово и Србија да се воздржат од дејствија кои би биле во спротивност со барањата на ЕУ за регионална соработка.

Косовската Влада вчера донесе одлука со која со воведува такса од 100 отсто на увозот на стоки од странски компании кои имаат свои производни погони во Србија и БиХ.

Претходно, на 21 ноември, Владата на Харадинај воведе такса од 100 отсто на производи од двете земји, но таа мерка не важеше за странските брендови кои се увезуваат од тие земји.

Со новата мерка сите стоки кои ќе се увезуваат од Србија и од БиХ ќе треба да платат такса во висина од 100 отсто од нивната вредност. Како што беше претходно објавено, во овој случај станува збор за девет познати меѓунаордни брендови.

Премиерот Харадинај е упорен во намерата да не ја повлече одлуката за таксата, се додека, како што вели, Белград не престане со агресивната политика и непријателското однесување кон Косово. Како последен доказ за таквото однесување, тој ги посочи писмата што неговата српска колешка Ана Брнабиќ ги испраќа низ земјите во светот, меѓу кои и до Албанија, за повлекување на признавањето на независноста на Косово.

По вчерашната седница, на која беше донесена одлуката аз новите санкции, Харадинај рече дека таквото однесување на Белград за Косово е неприфатливо и дека таксата ќе остане на сила се до признавањето на Република Косово од страна на Србија.