Пристигнаа инвеститорите во „Фени“

Инвеститорите пристигнаа во “Фени”, вели Пеце Ристевски, претседател на Синдикатот за индустрија, рударство и енергетика. Според информациите кои ги има се работи за четири заинтересирани компании. По еден швајцарски и британски фонд, француско израелска компанија и Енекод Бугарија, но не знае кој од нив точно е на увид во комбинатот во Кавадарци.

– Ние ги имаме нашите барања кои се јасни, континуитет во работниот однос без прекин и исплата на плати секој месец, задржување на работа на сите затекнати работници. Сите инвеститори мора да постигнат договор со доверителите значи банки, транспортери и останати, на кој начин и во кој период ќе го измират долгот, тоа е едниот приоритет. Второ, мора да ги обезбедат тие средства за репроматеријали ,за руда за јаглен и тоа е главното што тие мора да го направат, да го решат проблемот со долговите и да ги обезбедат сите услови за нормално одвивање на процесот на производство, информира тој.

Додава дека се бараат планови и визија за развој, а не само сега тековно да се постигне целта.

– На 13-ти почна многу лошо затоа што еве веќе две недели се губат, следното рочиште е на 29 ноември. Се надеваме дека нема да има опструкции од никого, имајќи предвид дека без опструкции се пуштени странските инвеститори да влезат да снимаат состојба. Иако некој страв постои, мислам дека разумот ќе преовладее и дека на 29-ти ќе се одржи рочиштето за отварање на стечајна постапка и да се забрза процесот за брзо решавање на проблемот, вели тој.

Привремениот стечаен управник Мирослав Анастасиевски вели дека во оваа фаза од постапката овластувањата на привремениот стечаен управник се однесуваат на зачувување на имотот на должникот и штитење на интересите на доверителите.

– Како привремен стечаен управник немам овластувања во предстечајна постапка да преговарам со потенцијални инвеститори – санатори. Она што сакам да го нагласам е дека времето тука е круцијален фактор, секој изгубен ден во оваа фаза е на штета на комбинатот и вработените, нагласува тој.